Македонија
9. October 2025 - 16:57

Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица против АВМУ, останува без можност за платено рекламирање за изборите

Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица против Агенцијата за медиуми порати упатството со кое партија остана без можноста за платено политичко рекламирање за изборите. 

Според судот Агенцијата е самостојно и независно регулаторно тело, а директорот може да носи акти за законски предвидени прописи. За конкретното упатство, Управен оценува дека не е управен акт против кој може да се води управен спор, туку дека е општ акт кој е донесен врз законски овластувања кои ги има Агенцијата.

Според Агенцијата за медиуми решението на Управен е уште еден доказ дека сите нивни одлуки се законски. Со ова, како и со претходно донесеното Решение на Основниот граѓански суд - со кое како неоснован се одбива предлогот на политичката партија Левица за издавање привремена мерка за забрана на доставување на Упатството до комерцијалните медиуми, како и за доставување на извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање до ДИК - само уште еднаш се потврдува дека Агенцијата постапува согласно законските прописи и професионално ги спроведува законските решенија, велат од АВМУ

Следната недела се очекува одлука и на Уставниот суд каде Лавица исто така поднесе иницијатива со времена мерка за стопирање на Упатството на Агенцијата. Според информации од Уставен, иницијативата веќе е предадена на судија известител, а како точка на дневен ред ќе се најде на следната редовна седница.

Од Левица до овој момент нема реакција за отфрлената тужба. Оттаму утрово само кусо информираа дека случајот со како што велат медиумската цензура врз партијата е проследен до европските институции.

Иако има 6 пратеници во Собранието, Левица на овие избори остана без можност за платено политички рекламирање поради одбредбите на Изборниот законик, кој ваква можност предвидува за двете најголеми партии од власта, двете од опозиција, помали партии без пратенички групи во Собранието и помали вонпарламентарни партии. Покрај Левица, ваква можност нема ниту ЗНАМ.