Македонија
2. April 2016 - 12:37

УПОЗ одбележува 25 години од формирањето

Претставници на вработените од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) денеска со средба на членството во Охрид го одбележува јубилејот - 25 години од основањето.

- Како посебен гранков синдикат сиот овој период наназад исклучиво се занимаваше со остварување на правата на нашите членови во рамки на работниот однос. Задоволни сме од она што го постигнавме како синдикат бидејќи во целиот пероиод имавме трасиран еден пат што беше исклучиво синдикален, истакна Пеце Грујовски, претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

Што се однесува на односот и социјалниот дијалог на синдикатот со работодавачот – Владата на Република Македонија, тој укажа на неопходноста другата страна во наредиот период да направи повеќе напори за прифаќање на синдикатот како рамноправен партнер во разговорите.

- Токму од тие причини во минатото организиравме многу протести за остварување на своите права, меѓу кои и еден во траење под 80 дена што е најдолгиот штрајк во Македонија. После секој штрајк сме успеале да оствариме дел од правата за кои сме се залагале. Но, наша оценка е дека постои потреба, особено другата страна, да работи во насока на пресретнување на проблемите и тие да се решаваат преку постојан дијалог на рамноправно ниво, а не преку протести, забележа Грујовски.

На јубилејната средба ќе бидат доделени признанија за истакнати синдикалци во изминатиот период, за синдикални организации од зејата и од странство со кои било соработувано во изминатиот двеиполдеценески период. Во рамки на прославата ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Позитивни искуства на синдикатите во Југоисточна Европа“ (Социјален дијалог и колективно договарање), како начин оваа средба да се искористи за размена на мислења и позитивни искуства кога станува збор за активности во насока на остварување на правата на вработените.

Синдикатот на УПОЗ е формиран на 5 април 1991 година, трансформирајќи се како посебен гранков синдикат во рамки на Сојузот на синдикати на Македонија кој ги обединува вработените во управата, праводудството, општествените организации и граѓанските здруженија, како и финансиските организации.