Живот
10. November 2017 - 14:41

Уникатна ревија Made in Macedonia: Cовремен дизајн накитен со минатото

Љубители на модата, бизнис сопственици,  академици, историчари, претставници на Владата и дипломатската елита синоќа во Музејот на Македонија имаа можност да го проследат уникатното модно шоу, насловено 

„Made in Macedonia:  Cовремен дизајн накитен со минатото” на кое се претставија повеќе еминентни македонски дизајнери.

Настанот беше во организација на „Добредојде“ Македонија Welcome Center и aмбасадорот на Соединетите Американски Држави Џес Бејли, со сопругата Кејпи Полк Бејли.

 - Драго ни е што за првпат во Македонија организираме модно шоу коe претставува спој на културното наследство со најновите модни трендови. Очекуваме во иднина овој настан да стане и традиција, изјави Емилија Миладининова Аврамчева, претседател на „Добредојде“ Македонија Welcome Center.

Сопругата на амбасадорот Џес Бејли, Кејпи, на отворањето на ревијата истакна дека Музејот на Македонија има извонредна колекција на традиционална македонска облека и оти сакада ги поддржи нивните напори за зачувување, заштита и промовирање на образовната вредност на овие културни предмети.

 

- Впрочем, нашата облека и ткаенините раскажуваат приказна за историјата, животот и за културата насекаде во светот. Сфативме дека модерниот дизајн може да создаде ново културното наследство и да го зачува старото преку креативност, стил и додавање на современа нишка. Дизајнерите се и отсекогаш биле уметници, претприемачи и огледала на културата и традицијата, рече Кејпи Бејли. 

Низ вековите македонските креации ја пренесуваат својата порака до современата мода и ја пресликуваат вечноста на префинетиот дизајн. Несекојдневните креации на шоуто беа претставени од страна на дизајнерите Никола Ефтимов, Ристо Бимбилоски „Румор”, Лидија Георгиева, Росица Мршиќ, Тања Кокев, Олгица Георгиева, Силвија „Алшар”, Антонија Ристовска, Никола Булески, Нела Тодоровска, Роберт Ивановски и Ивана Кнез „Драма”.