Македонија
5. January 2024 - 21:15

Уникатна манифестација во Крушево

По 11-ти пат во Крушево во организација на СОУ „Наум Наумоски – Борче“ се одржа уникатната манифестација „Дева“ со која што се најавува Христотово раѓање. Куриозитет е тоа што освен во Крушево оваа манифестација стара со векови се одржува на ваков начин единствено уште во Витлеем.

„Нашето училиште понесено од тој обичај и сакајќи да придонесе за развојот на туризмот во Крушево, за зголемување на наталитетот, но и за социјалниот соживот со партнерите, кафаните и другите чинители тука за развојот на туризмот, ја организира оваа манифестација со помош на наставниот кадар, но и на нашите ученици“, изјави Зорица Кузманоска, дел од наставниот кадар во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.

Во манифестацијата „Дева“ учествуваат исклучиво млади момчиња, кои ја носат црвената Давидова ѕвезда шетаат низ Крушевските улици и ја пејат песната „Дево Дејане“, одат од куќа на куќа, а домаќините ги даруваат со пари.

„Оваа манифестација не е добра само за нас, туку и за туризмот во Крушево. Со повод на овој празник имаме многу туристи кои вечерва се тука со нас и мислам дека вреди да се дојди за да се види една интересна и малку поинаква традиција од останатите градови“, кажа Атанас Ташкоски, ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.

„Ова е уникатен празник, настан, бидејќи се одржува само тука во Крушево и во Израел, во Витлеем, никаде на друго место“, додаде Кети Божиноска, ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.

Од Општината велат дека настанот „Дева“ претставува уште еден од низата препознатливи брендови за Крушево кој привлекува посетители од сите околни градови.

„Ние како Општина Крушево продолжуваме со промоција и со поддршка на вакви настани, каде ја поддржуваме не само заедницата, туку сѐ она што значи промоција на туризмот, се повеќе посетители и гости најавуваат и пројавуваат интерес во Крушево на вакви настани“, истална Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Собраните средства од кутијата за донации, но и парите кои ќе ги соберат граѓаните кои шетаат со Давидовата ѕвезда ќе бидат наменети како подарок за првото новороденче во Крушево.