Свет
10. July 2017 - 15:46

Украина и НАТО ќе почнат разговори за патоказ за членство на земјата

Украина и НАТО ќе почнат разговори за утврдување на патоказ за приклучување на земјата кон Алијансата, изјави денеска украинскиот претседател Петро Порошенко. 

Тој по средбата во Киев со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вети дека ќе ги спроведе реформите, кои ќе ја усогласат Украина со стандардите на Алијансата.

- Украина јасно ја дефинира својата политичка иднина и иднината во областа на безбедноста, рече Порошенко. 

- Денеска ние јасно потенциравме дека ќе почнеме дискусии за Акциониот план за членство на Украина во НАТО и нашиот предлог за такви дискусии беше примен со задоволство, додаде тој. 

Украинскиот претседател повторно нагласи дека приоритет на земјата е да стане членка на НАТО.

- Нашиот приоритет е интеграција во евроатланското пространство за безбедност со оглед на придобивките од полноправното членство во НАТО, рече Порошенко. 

Украина минатата недела усвои закон, кој ја става во добра позиција за приклучување кон Алијансата. - Реформирањето и модернизирањето на украинската армија е приоритет, нагласи тогаш Порошенко. 

Столтенберг по денешната средба изјави дека НАТО е пријател на Украина и оти земјата е исто така пријател на Алијансата.

- Алијансата е солидарна со земјата во нејзините напори да се справи со агресивните активности на Русија, додаде тој. 

- Русија продолжува со агресивните активности против Украина, но НАТО ја поддржува Украина и е на ваша Страна, рече Столтенберг. 

Тој додаде дека во Киев пристигнал за да ја покаже солидарноста на НАТО со Украина и „нашата цврста поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на вашата земја“. 

Посетата на Столтенберг на Украина е во рамки на седницата на Комисија НАТО-Украина. Таа се одржува еден ден по посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој од Киев ја повика Русија да ги направи првите чекори за деескалација на тензиите во источна Украина. 

Столтенберг истакна дека НАТО и ветил помош на Украина во областа на сателитските врски. Тој додаде дека речиси 40 милиони евра од десет доверливи фондови на земји од Алијансата ќе и бидат доставени на Украина како помош во различни области, меѓу кои и киберодбраната.

- Кибер нападите се клучен елемент во хибридната војна, додаде тој. 

Во врска со веста за почетокот на разговори за патоказ за влез на Украина во НАТО, Русија изјави дека потенцијалното членство на Алијансата нема да ја зголеми стабилноста и безбедноста во Европа. 

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека плановите на Украина за влез во НАТО се однесуваат на Русија само индиректно, но сепак ја загрижуваат.