Македонија
22. May 2025 - 9:53

УКИМ одбележува 76 години од основањето

Најстарата и најголема високообразовна институција во земјава, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје годинава одбележува 76 години од своето основање.

По тој повод, Универзитетот организира тридневна програма на настани кои ќе се одржат денеска, на 23 и 30 мај, како дел од чествувањето на јубилејот и патрониот празник – Денот на светите Кирил и Методиј.

Свеченостите ќе почнат денеска со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Дом на АРМ.

Централниот настан ќе се одржи в петок и ќе почне на платото пред Ректоратот, каде ќе се положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј, а потоа програмата ќе продолжи во свечената аула на Универзитетот.

Предвидени се обраќања на ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и претседателот на Универзитетското студентско собрание Александар Николовски, по што ќе следи свечено доделување на награди за најдобрите дипломирани студенти за учебната 2023/2024 година, како и доделување на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“.

Предвидена е уметничка програма на студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Одбележувањето на годишнината ќе продолжи и на 30 мај со свечено доделување на титулата почесен професор  (professor honoris causa) на професор д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија. 

-УКИМ останува симбол на академска извонредност, научен развој и општествена одговорност. Веќе 76 години сме двигатели на знаењето, критичката мисла и прогресот во нашето општество. Денес, УКИМ е дом на илјадници студенти, наставници и истражувачи кои го градат патот кон иднината, наведоа од УКИМ.

Прославата на 76 годишнината на УКИМ, како што се наведува, е потсетник за улогата што Универзитетот ја има како темел на академскиот развој во земјата и најдоброто место за отпочнување и градење на успешна професионална иднина.