Македонија
6. April 2022 - 13:10

Учениците од оваа година ќе може да се запишуваат електронски во средните училишта

Учениците кои ќе се запишуваат во прва година средно образование за 2022/2023 година, од оваа година ќе може да се пријавуваат електронски наместо да поднесуваат документи во училиштата. Тоа ќе го овозможи новата дигитална услуга – електронско запишување ученици во средните училишта изработено во рамки на проектот финансиран од Амбасадата на Велика Британија.

Ваквата услуга лани првпат им беше овозможена на првоодделенците преку националната платформа за електронски упис на првачиња.

Услугата денеска им беше презентирана на директори на средни училишта. Овој месец ќе почнат обуки на наставници за нејзино користење, а ќе биде функционална во јуни кога ќе бидат и уписите за средно образование.

Амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј посочи дека со новата дигитална услуга за средношколци, покрај услугата за упис во основните училишта од минатата година, се завршува проектот за електронско запишување на ученици во образованието во нашата држава и на тој начин и училиштата и децата односно родителите, рече таа, се ослободуваат од административни обврски.

-Поддршката во овие  реформи ќе направи разлика во животите на луѓето. Работиме со МОН повеќе години во програмите поддржани од УНИЦЕФ во предучилишното образование. Кога се случи пандемијата, работевме на прилагодување на програмите за да одговориме на предизвикот. Поддржуваме дигитални вештини во образованието и мило ми е што ги обезбедивме, рече Галовеј.

Според податоците на Еуростат, посочи таа, нивото на дигиталните вештини кај сите лица во земјава е околу 32 проценти, а просекот во Велика Британија е 74 отсто.

Истражувањето покажало и дека младите кај нас имаат значително подобри дигитални вештини од повозрасната популација: 74 отсто од децата меѓу 16 и 19 години се дигитално писмени, користат дигитална технологија и купуваат онлајн и тој број, рече Малеска-Сачмароска, е значително зголемен во последните две години како резултат на пандемијата.