Македонија
10. February 2025 - 16:39

Убиецот на Емилија го призна делото, обвинителството бара доживотна казна затвор

Фадил Зејнелов, убиецот на 29 годишната штипјанка Емилија Пешева, го призна делото, кратко по почетокот на судењето во Основниот суд во Штип. Според истрагата на ОЈО, Зејнелов на 1- ноември минатата година, при вршење семејно насилство, со умисла ја убил својата вонбрачна партнерка.

Зејнелов ја призна вината и рече дека мотивот за убиството е неверство. Родителите на Емилија не се согласуваат со ова негово тврдење, сметаат дека на овој начин сака да ја изигра правдата и бараат да му биде изречена максимална казна доживотен затвор. 

- Toj признава, се кае. Со тоа тој мисли да добие од 10 до 15 години, така тој си мисли. Поради неверство не е, он се закани дека ќе ја утепа. На сите се закануваше, имаме докази. Ако треба ќе дојдат и сведоци, изјави мајката на убиената Емилија од Штип.

- Убиецот може да се кае, нека му утепаат некој на него па нека се кае. Ние ќе се бориме доживотно да биде осудено лицето, монструмот, што ни ја утепа ќерката, изјави таткото на убиената Емилија. 

- Кога ќе стане таа од гробот, тогаш тој нека излезе од затвор, додаде мајката

Тврдат и дека Емилија била постојано малтретирана и физички злоставувана, а и финансиски ја искористувал. 

- Многу ја тепаше и многу пати беше пријавуван. Таа беше болна од епилепсија и зимаше нега и детски додаток, школарина, и и ги коцкаше сите пари од негата ќе ја истепаше и ние го пријавуваме, а никој ништо не превзема, изјави мајката

Емилија остави малолетно дете, кое според сведочењето на нејзините родители, тешко се справува со ситуацијата.

- Дете ни остави, внук, зошто, сираче детенце да оставиш. Детето не сака да оди на училиште, си ја бара мајката, тешко се справуваме, не може да се навикне, изјави таткото на Емилија

Судијата кривичар Сашко Георгиев, најави дека пресудата ќе биде објавена во среда на на 12-ти февруари.