Уапсени двајца членови на групата „Пинк Пантери“ за грабеж на златарница на Халкидики со „плен“ од над 500.000 евра

За грабеж во златарница во хотелски комплекс на Халкидики извршен на почетокот на септември минатата година и украдени часовници и накит во вредност од речиси 580.000 евра, во Бугарија и Хрватска биле уапсени две лица, членови на криминалната организација „Пинк Пантери“, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека апсењата биле врз основа на издадената европска потерница за учество во криминална организација, за грабеж, фалсификување и прекршување на законот за оружје.
За грабежот идентификувани се двајца странци на возраст од 48 и 46 години, уапсени во Бугарија и Хрватска, а според грчките медиуми станува збор за српски државјани.
– Се работи за членови на криминална организација, која е структурирана во рамки на меѓународни криминални групи и организации на Балканскиот организиран криминал, под името „Pink Panthers“, специјализирана за кражби во златарници, кои се карактеризираат со висок степен на организација, прилагодливост и развиени методи на дејствување, соопштија од грчката полиција.
Објаснија дека од истрагата спроведена со меѓународна полициска соработка и размена на информации со странски власти од европски земји и EUROPOL, четворица членови на криминалната организација дејствувале на грчка територија од 20 август до 2 септември 2025 година, со цел да го извршат грабежот во златарницата.
Членовите на организацијата влегле во Грција во различно време, користејќи лажни патни исправи, изнајмиле возила на кои ставиле украдени регистарски таблички за да го отежнат нивното идентификување од властите, по што повеќепати на набљудувале локацијата и внимателно го испланирале разбојништвото, а за транспорт и бегство од златарницата користеле возила и електрични тротинети.
За време на грабежот, 48-годишниот, заедно со негов соработник, што засега е непознат за властите, на двајца вработени во златарницата им се заканиле со оружје и одзеле луксузни часовници и накит во вкупна вредност од 579.805,75 евра, додека уапсениот 46-годишен заедно со непозната жена соработник, обезбедувале поддршка, претставувајќи се како посетители и го набљудувале околниот простор.
Според видеото од безбедносните камери објавено во грчките медиуми, грабежот трае нешто повеќе од една минута.
По апсењето на двете лица се очекува одлуката на надлежните судски органи за нивна екстрадиција во Грција.
МИА
Ново на Сител
-

Сибиха: Зеленски е подготвен за средба со Путин
-

Лишени од слобода три лица, а со четири извршен службен разговор за семејно насилство во последното деноноќие
-

Оштетен минибус со охридски навивачи
-

ЈП Водовод и канализација – Скопје со акција за отплата на долгови без пресметка на камата
-

Десет лица повредени во верижен судир на пет возила во Ѓорче
-

54-годишник барал 20.000 евра од жена, заканувајќи се со објавување на компромитирачки снимки
-

Средба на Сиљановска-Давкова во Анталија со претседателот на ТИКА, Ерен
-

ЦУ: Запленети скапи „Ејпл“ часовници заменети со евтини копии, оригиналите пронајдени при претрес на скопска мобилара, кривична пријава против осум лица
