Уапсен хрватскиот министер Хорват
Хрватска среде корупциски скандал. Полицијата денеска го уапси министерот за градежништво Дарко Хорват, а под истрага се и други владини функционери.
Изутрината беше извршен претрес во куќата на Хорват во Меѓумурје, а истрагите се поврзани со злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Хорват е обвинет дека фаворизирал одредени фирми и поединци во 2018 година при тендерот за поддршка на мали и средни претпријатија и занаетчии, во областите каде што живеат националните малцинства, дека фаворизирал одредени компании и на тој начин го оштетил државниот буџет за околу 350 илјади евра.
Премиерот Пленковиќ го повика Јавното обвинителство да се произнесе за случајот и порача дека не се планираат предвремени избори.
Министерот Хорват моментално се наоѓа кај надзорник во притворот во Оранице и вечерва треба да биде спроведен во судот во Загреб, каде што ќе се одлучува дали ќе му биде одредена мерка притвор. Неговиот адвокат информираше дека Хорват не чувствува вина за случајот.
Освен Хорват, кој засега е единствен уапсен, под истрага се и вицепремиерот Борис Милошевиќ, државниот секретар во Министерството за регионален развој Велимир Зунац, директорките во Министерството Катица Мишковиќ и Ана Мандач, како и поранешниот министер Томислав Толушиќ.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
