Фудбал
15. March 2016 - 13:54

У-21: Македонија може да го победи Исланд

Со 7 бодови и натпревар помалку во Третата квалификациска група за ЕП 2017 година македонската фудбалска репрезентација до 21 година заостанува само една победа од бараж позициите зад Франција и селекцијата на Исланд која е следен противник на избраниците на Благоја Милевски на 24-ти март во Скопје. 

Во нашиот табор се свесни за значењето на овој меч но и за квалитетите на противникот: „Добро ја анализиравме селекцијата на Исланд. Се работи за тим кој го краси извонредна дисциплина на теренот. Играчкиот квалитет и потенцијал се на наша страна, но мораме да бидеме сконцентрирани во текот на сите 90. минути. Мислам дека нема да ни се повтори тој психолошки пад од 15-на минути од првиот натпревар против Исланѓаните кој на чуден начин го загубивме. Мора да имаме агресивен пристап и така ќе биде се додека сум селектор, Македонија ќе игра офанзивен фудбал, без разлика дали играме против Исланд или против Франција“, рече Милевски кој посочи дека играчите ќе  мора да ги исполнат сите тактички задачи, да одиграат максимално дисциплинирано и мотивирано за да се оствари целта. 

Селекторот Милевски на прес конференцијата ги потенцира и проблемите со кои се соочува селекцијата, а кои се однесуваат на нестандардноста на репрезентативците во клубовите , во кои настапуваат, поради што во тимот ги се повикани  Енур Тотре, Ѓорѓи Стоилов и  Филип Илиќ на голманската позиција.
 
„Радески и Ангелов се во преден план во нападот, играат стандардно во своите клубови. На списокот го нема Доријан Бабунски, затоа што нема настап од 24. јануари, но верувам дека ќе го имаме за идните натпревари. Во одбраната имаме проблеми. Дарко Велковски не игра стандардно, но се работи за голем квалитет кој заслужува да биде дел од тимот. Позитивно е што голманот Игор Алексовски се опорави, добро тренира и очекувам да настапи за Македонија Ѓ.П. на саботниот дуел“, истакна Милевски.
 
 Во пресрет на двата квалификациски натпревари со Исланд и Франција (28.март, Ле Ман) македонската репрезентација се наоѓа на третата позиција во Групата 3 со седум освоени бода, четири помалку од лидерот Исланд и три од Франција, но и со натпревар помалку.