Балкан
17. September 2019 - 18:19

Туск во Тирана: ЕУ треба да отвори преговори со Албанија и со Северна Македонија

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск од Тирана, испрати јасна порака дека Европската Унија треба да отвори преговори со Албанија и со Северна Македонија. Ваквата одлука, според него, не е чест за никого, туку неопходност за мир и стабилност во Европа.

-Отсекогаш сум бил на мислење дека ЕУ треба да ги отвори преговорите и јас не сум се предомислил и продолжувам така да мислам. Вашата земја треба да се третира исто како и другите земји во регионот. Не може да има стабилна Европа без интеграција на Балканот во ЕУ. Тоа значи дека никој никому не му се прави чест,т уку тоа е неопходност, изјави Туск на заедничката прес-конференција со албанскот премиер Еди Рама.

Што се однесува до спроведувањето на законот, Туск рече дека тоа ќе биде обврска на Албанија и кога таа ќе биде членка на ЕУ.

Премиерот Еди Рама пред новинарите го одликува  претседателот на Советот на Европа со медал „Големата ѕвезда на благодарноста“, нарекувајќи го „адвокат на процесот на проширување и натамошно зближување на Западен Балкан со ЕУ“.

Според Рама, Туск пристигнал во Тирана за да „даде јасна порака за сите албански граѓани“.

-Задоволство ми е да ја истакнам јасноста со која претседателот Туск отсекогаш се изразувал во овој процес и несомнено ги цени постојаните напори како адвокат на процесот на проширување и натамошно приближување на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ.  Најважната работа за нашите граѓани денеска е да се слушне што има да каже претседателот Туск, кој е тука  да говори за нив и да испрати порака до нив, рече Рама.

Заблагодарувајќи се Туск рече дека е горд на одликувањето и додаде дека за него „најголем медал ќе биде отворањето на преговорите на Албанија со ЕУ“.

-Многу сум горд што го добив овој медал. Вие ми рековте дека го заслужувам, но за мене, најголем медал би бил отворањето на преговорите за членство на Албанија, рече Туск.

Претседателот на Советот на Европа во Тирана пристигна попладнево при што имаше средба само со премиерот Еди Рама, која траеше половина час.