Свет
13. August 2015 - 8:25

Турските сили за еден месец ликвидирале околу 300 припадници на ПКК

Tурските вооружени сили за еден месец уништиле околу 80 проценти од камповите на сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК) во северен Ирак, при што се ликвидирани околу 300 припадници на оваа милитантна организација, јави турската приватна телевиизја Си-Ен-Ен-Турк.

Во воздушните напади, што започнаа кон средината на јули, се ранети и уште околу 500 припадници на ПКК. 

Телевиизјата наведува дека при нападите на турските авиони во северниот дел на Ирак биле нанесени штети на 80 проценти од камповите на ПКК во реоните на Кандил, Хакурк, Зап, Метина, Басјан и Авашин.

Поради турските воздушни напади, неколкумина од лидерите на ПКК биле принудени да ги променат локациите на кои престојувале, тврди телевизијата, посочувајќи ги како пример еден од најистакнатите команданти на групата, Мурат Карајлан, кој навидно побегнал во Иран и раководителот на Политичкиот совет на организацијата, Џемил Бајак, кој избегал во Сирија. 

Според телевиизјата, разузнавачките информации велат дека голем број борци на ПКК се префрлиле во помали населени места на териториката на Турција, но и во некои од поголемите градови.

Покрај во реоните во југоисточна Турција, каде мнозинството на жителите се Курди, дел од припадниците на ПКК нашле прибежишт и во северните црноморски области на земјата, додава Си-Ен-Ен-Турк.