Свет
29. December 2017 - 13:07

Турција потпиша договор со Русија за набавка на ракетни системи С-400

Турција и Русија денеска потпишаа договор за набавка на ракетни системи за воздушна одбрана С-400, објави турскиот весник „Хуриет“.

Договорот наводно е во вредност од околу 2,5 милијарди долари, што го потврди и директорот на корпорацијата „Ростек“ Сергеј Чемезов. 

Набавката на вакви системи предизвикува загриженост меѓу членките на НАТО, бидејќи тие системи не можат да се интегрираат во воената архитектура на Алијансата.

Чемезов претходно соопшти дека Турција е прва членка на НАТО која купила систем С - 400 и најави дека испораката ќе почне во март 2020 година.

Турскиот претседател Реџеп тајип Ердоган, на 12 септември соопшти дека е потпишан договор со Русија за купување систем С-400 и оти тие веќе го уплатиоле авансот.

Рускиот С-400 е најмодерен руски ракетен систем за воздушна одбрана, кој е во функција од 2007 година. Дизајниран е да уништува авиони, крстосувачки и балистички ракети, а може да се користи и против копнени цели.

С-400 има дострел од 400 километри, а целта може да биде и на височина од 30 километри.