Македонија
8. November 2021 - 21:17

Трошоците на живот повторно пораснаа - синдикатите предупредуваат, политичката криза ќе не донесе на просјачки стап

Работникот ќе биде сè посиромашен доколку платите не го следат растот на цените на производите, алармираат синдикалците. Државната статистика пресмета дека за една година цените пораснале за 6,1%, но најголем е растот токму кај основните производи неопходни за живот, транспортните и здравствените услуги. Маслото, на пример, поскапело за 25%, зеленчукот за 12%, шеќерот за 5,5%, а лебот и месото за над 3%. Гасот и горивата поскапеле за околу 33%, а тоа, разбирливо, ги покачи цените и на транспортните услуги за над 26%.
Синдикалците стравуваат дека актуелната политичка криза ќе предизвика и социјална криза бидејќи трендот на поскапувања нема да запре, а без функционална власт и соодветни политики многу граѓани ќе дојдат на раб на сиромаштија.

Експертите велат дека за да се зачува стандардот на граѓаните мора да интервенира државата, но не со вештачко покачување на платите, туку со соодветни политики за економски раст, но и преку субвенции на платите, особено за микро и малите фирми.