Loading Video...
Свет
24. February 2025 - 16:43

Три години од војната во Украина, можен ли е конечен мир?

Три години од руската инвазија врз Украина донесоа разорување и човечки загуби од невидени размери – според украинските власти, десетици илјади убиени украински војници и цивили, илјадници затвореници во руските затвори, безброј киднапирани украински деца насилно депортирани во Русија. Стотици градови и села се избришани од лицето на земјата, нивните имиња остануваат само како обележја на картите.

На третата годишнина од војната, конечно, се отвора прашањето за мир. Украинскиот претседател, од срцето на Киев, на иста маса со европските лидери, испрати јасна порака – оваа година мора да донесе траен мир. Првиот чекор? Целосна размена на воени заробеници со Русија што би можело да го нозначи почетокот на крајот на војната. 

Додека Зеленски изјави дека ништо не му должи на Трамп, украинската вицепремиерка објави дека Киев и Вашингтон се сè поблиску до договор за ексклузивно користење на украинските минерали. Се обврзуваме да го комплетираме ова и да заврши ‘мазно’ и со потпис, напиша на мрежата Икс.

Судбината не само на Украина, туку и на цела Европа е доведена во прашање, нагласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Следната година да се слави годишнина од мир, наместо од војна, порача и турскиот претседател Ердоган.

Покрај Киев, и Скопје беше дел од одбележувањето на тригодишнината од војната во Украина. Украинската амбасадорка се заблагодари за континуираната поддршка на Македонија и порача дека невозможно е да се заврши војната без учество на Украина. Мир без правда ќе води само кон нова војна.

На собирот присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, американската амбасадорка Анџела Агелер, како и дипломатскиот кор. Во заеднички тон, дипломатите ја нагласија потребата од меѓународна одговорност за инвазијата и ја потврдија поддршката за Украина во борбата за долготраен мир.

И додека во Европа се собираат за поддршка на Украина, во Кремљ, на годишнината од инвазијата, на Путин му беше врачен штит и меч – симбол на „бранителот на татковината“. Оружјето било нарачано уште на 24 февруари 2022 година, откако руските муслимани ја покажале целосната поддршка за „специјалната воена операција“.