Трговците се алчни и не ги намалија цените со „Новогодишната кошница“, кажа Трендафилов
Растат трошоците за живот. Синдикатите пресметаа дека на четиричлено семејство месецов му се потребни речиси 400 денари повеќе од претходниот. За најосновните потреби, од домашниот буџет треба да издвои над 63 илјади денари и тоа ако има свој стан или куќа. Ако плаќа и кирија, на семејството ќе му требаат 79 илјади денари.
И покрај мерката „новогодишна кошница“, најмногу поскапеле храната и пијалоците.
„Вредноста на делот за храна и пијалоци, наместо да бележи намалување за најмалку 10%, онолку проценти колку што овие несовесните трговци ветуваа дека ќе ги намалат цените за да излезат во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божиќните празници, бележи зголемување и тоа за 63-те основни производи кои ги пресметува ССМ. Не покажаа ниту ронка почит, не покажаа ниту ронка достоинство да бидат општествено одговорни компании онака како што всушност ги повикуваше и Владата“ – Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ
Трендафилов вели дека за една година трошоците за храна и пијалоци се зголемени за 10%, што според него, значи дека инфлацијата не е 3 и пол проценти како што покажуваат статистичките податоци.
Побара од Владата следните мерки да ги носи ненајавено и да не ги консултира трговците.
„Ние како ССМ размислуваме во наредниот период далеку поригорозни чекори да преземеме во насока на тоа да укажеме на граѓаните што е добро, а што е лошо“ – Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ
Откако дел од маркетите рекоа дека и во наредните месеци ќе ги задржат истите цени на основните производи, Трендафилов рече дека тоа е мамка за да не ги намалат цените кои на светските берзи веќе паѓаат.
„Новогодишната кошница“ беше на иницијатива на бизнисот и немаше владина одлука. За разлика од оваа, „есенската кошница“ со замрзнати маржи помина на Влада и пазарните инспектори можеа да казнуваат. Таа даде ефект и храната во октомври поевтини за речиси илјада денари. Но, веднаш по завршувањето на мерката, цените тргнаа нагоре.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар