Трет пожар во ист стан во населбата Пролет - Има ли државата начин да спречи поголема катастрофа?
По третпат избувна пожар во ист стан во скопската населба Пролет. Станува збор за стан чиј сопственик според сведоштвата на соседите е лице со посебни потреби. Собирал пластични шишиња и друг вид на отпад во станот, но засега надлежните немаат информации дали тој самиот го пали сметот. Од противпожарна бригада велат дека повредени нема, а не се оштетени ниту другите станови.
За пожарот пријавиле соседи кои велат дека веќе 20 години имаат вакви и слични проблеми со 60 годишниот станар.
Соседите се разочарани и велат дека изгубиле секаква надеж дека институциите можат да им помогнат. Само се надеваат дека еден ден нема да се случи поголема катастрофа.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека до сега не е пристигната пријава за лицето до Центарот за социјална работа на Град Скопје, но стручни лица излегле на терен и ќе постапот во случајот.
Напоменуваме дека во рамките на центарот 24 часа дневно функционира и специјализиран дежурен тим кој постапува по пријави на граѓани или институции и до сега нема добиено никаква пријава за лицето. По информацијата добиена од ваша страна ве известуваме дека на терен веднаш излезе стручен тим од Центарот и согласно добиените податоци за фактичката состојба ќе превземе потребни дејствија и ќе постапи согласно законските надлежности на центарот,велат од МТСП.
На расчистување на случајот работи и МВР, но во однос на утврдување на причините за пожарот.
-
Елена Милошевска
Сите содржини од овој новинар
