Балкан
15. December 2015 - 15:51

Трет круг консултации за избор на мандатар на хрватската Влада

Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ за денеска закажа трет круг консултации со лидерите на коалициите и партиите застапени во новиот Хрватски сабор, посветени на изборот на мандатар за состав на новата Влада.

Како што јави Хина, за избор на нова Влада потребно е мнознство од најмалку 76 пратеници во Саборот, што засега го нема ниту една коалиција.

Во пресрета на третиот круг консултации, хрватската претседателка претпладнево одржа средба со пет професори по уставно право, а потоа имаше разговори со претставници на Татковинската коалиција, која е предводена од нејзината Хрватска демократска заедница (ХДЗ). 

Според најавите од Пантовчак, Грабар-Китаровиќ прво ќе разговара со пратениците на националните малцинства, а потоа и со лидерите на парламнетраните партии и коалиции, по што е предвидено доцна попладнево да и се обрати на јавноста и да ја информира за разултатите од разговорите. 

Актуелниот хрватски премиер и лидер на Социјалдемократската партија (СДП) Зоран Милановиќ уште вчера најави дека претставниците на неговата коалиција Хрватска расте нема да учествуваат на консултациите во Пантовчак. 

- Не станува збор за бојкот, изјави Милановиќ по вчерашниот состанок во Кабинетот на хрватската претседателка. - Се работи за тоа дека нема поента повторно да доаѓаме (на средба) еден ден подоцна, ако ситуацијата не се промени, односно ако нема доволен број на пратеници за мнозинство за избор на мандатар, рече Милановиќ.

Претседателот на ХДЗ и прв човек на Татковската коалиција, Томислав Карамарко синоќа по седницата на партиското раковоство со коалициоските партнери потврди дека тие ќе присуствуваат на денешните консултации во Пантовчак. 

Пред почетокот на третиот круг на консултации, коалицијата Хрватска раст го одби предлогот на Мост за формирање на трипартиска Влада на чие чело би бил непартиски експерт, но се заложи за продолжување на преговорите на неговиот блок со Мост. 

Карамарко исто така оцени дека фромирањето трипартитна влада е нереална опција, но нагласи дека Татковинската коалиција му предложила на Мост да формираат коалициски Кабинет.

- Ние предлагаме да одиме со коалициска влада со Мост, изјави Карамарко. 

Тој меѓутоа не прецизираше дали е подготвен да се откаже од премиерската функција, нагласувајќи само оти ХДЗ е подготвена да разговара и за таа опција.