Македонија
3. јуни 2025 - 14:00

Трет ден протест на дел од медицинскиот персонал и техничка служба од Клиничка болница Тетово

Трет ден по ред дел од медицинскиот персонал и техничка служба од Клиничка болница Тетово одржаа јавен собир и протест револтирани за две неисплатени плати и поради тоа што не им беше овозможено да добијат нови договори за дело. Тие воедно бараат да се најде решение за вработување на неопределено време.

На денешниот протест тие багласија дека ќе мораат да најдат нови работни места доколку проблемот не се реши во скоро време.

На прашањата дали намалувањето на бројот на оние што протестираат се должи на притисоци велат дека не знаат.

- Индивидуално е, јас сакав да дојдам и дојдов. Ако не се слушне нашиот проблем, не знам што да кажам, може да излеземе од работа, да си седиме дома. Толку, се откажуваш веќе. Трпението и истрајноста има лимит. Јас лично ќе се откажам, рече Магдалена Велковска.

Ивона Неделковска исто така посочи дека треба да се најде итно решение за нивниот статус, а во спротивност да си бараат друга работа.

- Заменливи сме сите, значи никој не е незаменлив за жал, тоа беше информацијата и образложението од директорот, а ако сме ние заменливи, значи може на време да ни кажат заменливи, одите, нема да добиете ништо, а не вака заменливи сте, ама седите на работа. Јас ја напуштам работата затоа што сум фамилијарен човек. Не може моето семејство да трпи за да одам јас на работа без пари, не само јас, туку и сите колешки и мислам дека требаше сите да се дигнат сега на глас, а не да се одзади да слушаат, рече Ивона Неделковска.

Повторно во име на раководството на Клиничка болница Тетово, со новинарите разговараше главната сестра на клиничка болница, Линдита Заими. Таа им порача на колешките да формираат работна група, но воедно вели дека проблемот со договорите на дело не е само во тетовската клиничка болница.

- Не е нешто што зависи од нас, оваа ситуација не е само во Тетово, туку е низ целата земја. Очекуваме трајно решение, а не краткорочно. Верувам дека ќе се реализира, ќе продолжиме да ги следиме барањата до министерството и денес, како и секој ден. Ова се проблеми наследени од претходно, изразуваме подготвеност и волја да го решиме нивниот проблем. Работата на конкурсот и одлуките е на повисоко ниво. Секој ден ги чекавме одлуките и конкурсот, но не се реализираше. Сега ја чекаме одлуката на новиот министер, рече Линдита Заими.