Трет ден по „Прочка“ - денеска е женски празник за љубовта и среќа на младите
Денеска е „Тримир“. Трет ден по „Прочка“ и трет ден од почетокот на големите, велигденски пости. Денеска е „женски“ празник. Посветен на мајките, ќерките, на новите поколенија.
Тримир со тоа име постои официјално, ама секоја жена знае за што станува збор.
Адетите, како што е редот, се пренесуваат од поколение на поколение, низ вековите, a во Прилеп празникот опстојал до ден денешен. На покана на прилепското здружение „Преродба“ кое ги негува традициите и обичаите, „ѕирнавме“ во таа весела тримирска и „женска“ атмосфера. Да се почувствува зошто овој празник (обичај) им е битен на мајките, ќерките, на жените од овие простори.
И, пак, како што е редот, се доаѓа со подарок. Пожелно е да се донесе боза, овошје, посен специјалитет. Како награда за домаќинката.
Атмосферата, весела, распеана. За добредојде, но и веднаш да почне приказната за овој женски празник. Зошто се слави, но и зошто жилаво се одржал низ вековите до денешното современо живеење?
Домаќинката, мајка на млада невеста или на „армасана“ девојка, по правило држела „тримир“. Тоа значи од полноќ на „Прочка“ кога почнуваат постите, три дена ниту јадела, ниту пиела.
Прилепчанката Писана Ангелеска вели, решила строго да ги следи обичаите. А ова, е, смета, наследство од нашите баби и прабаби.
- Така било од време, од стари-прастари, почнува да објаснува Писана Ангелеска.
Адетите за „Тримир“ се пренесувале од баба на мајка, од мајка на ќерка.
- Се држело „Тримир“ - тоа значи по „Прочка“, веднаш штом почнат постите, три дена не се јаде ништо. Ниту се пие, ниту пак апчиња да земеш. Јас лани за прв пат, си реков, ајде да го испочитувам адетот, онака каков што бил со векови. Не е тешко да се издржи. Ова е, велат, за здравје, да се испости телото, да се исчистат и душата и мислите. Ако не можеш да издржиш, подобро не почнувај, а ако почнеш, оди до крај, препорачува прилепчанката Ангелеска.
На „Тримир“ адет е, младите невести, штотуку влезени во брак и „армасаните девојки“ да одат на гости, на покана од мајките.
- Штотуку мажените или штотуку „армасаните“ мора да бидат благословени од мајките, да имаат добар брачен живот, да им пренесат совети како да ги почитуваат бракот, сопругот и семејството, а наскоро, и како да се однесуваат со својата рожба. Мајките велат: „Ќерко, се мажиш, гледај си ја куќата, почитувај го сопругот, внимавај на новите поколенија!“ Да бидат здрави живи, да се шири семејството, поколението, вели Писана Ангелеска.
Марија Михајлоска веднаш ги дообјаснува адетите врзани за посната трпеза.
- На „Тримир“ се носат подароци, а на трпезата има од сѐ по нешто посно. Главно, посно гравче и сарма, овошје, пред сѐ, портокали, потоа боза (ова е за доилките, да имаат млеко за бебињата), зелник, благи работи, кравајчиња.... Домаќинката „држела Тримир“ (три дена не јаде, ниту пие), а жените што доаѓаат ѝ носат подароци, вели Марија Михајлоска.
Посебно место има пченицата со конопни зрна. Марија е подготвена да го објасни рецептот.
- Пченицата се вари, се остава да биде топла. Од вечер се накиснуваат конопните зрна. Другиот ден се мелат и пченицата и конопните зрна, им се става топла вода, се исцедува за водата да биде бела и се мешаат. По желба се засладува. Овој специјалитет е препознатлив за обичаите во Прилепско, вели Марија.
Прилепчанки, на шега велат: мажите за „денот“ се тргнуваат на страна. Не дај боже да се смешаат во „женските“ работи.
И Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружението „Преродба“ сака да се пошегува. Па весел е празникот.
- Мажите страв ги фаќа кога ќе видат на едно место собрани толку жени. А некогаш и се работело, освен што течат муабетот и советите на искусните мајки за младите невести на кои сѐ уште им се незапознати „тајните“ на добриот брачен живот. Би рекле, им ја откриваат тајната на „среќниот“ брак, на задоволниот сопруг и на негуваното дете. Во Прилеп „Тримир“ го славиме навистина традиционално. Како што било со векови. Сме го презеле од нашите прабаби, баби, мајки и се надеваме дека ќе го преземат нашите ќерки, внуки. Тоа е празник кој ја манифестира љубовта, празник е на свршените или армасаните девојки, на младите невести. Некогаш се работело, се везело и се плетело на празникот, но денес главно муабетиме и пееме песни. Па, доволно работиме преку целата година, денеска нека се разлева песната, вели Ѓорѓиоска.
Пораката за прославата на „Тримир“ е едноставна, нагласуваат прилепските домаќинки: Љубов, среќа за младите, успех во животот.
И, пак малку шеговите, но со многу вистина, додаваат: Во денешно време уште повеќе, се чини, ни е потребен „Тримир“. За мир и слога во домот. А ако е умешна жената, како столб на семејството и на домот, спокојството и среќата сами ќе си дојдат.
Елизабета Митреска
Ново на Сител
-
САД најавуваат ново воено распоредување на Блискиот Исток
-
Киев: Русија префрли 7.000 севернокорејски војници на границата со Украина
-
Трипуновски: Очекувам фер проценка и реална исплата на трудот на тутунарите
-
Мицкоски им порача на ДУИ да се подготват за одговорност
-
Нов израелски напад на северот од Газа: Загинаa 84 Палестинци, меѓу кои 50 деца
-
Возач на камион починал во тешка сообраќајка
-
ОЈО - Штип со увид на местото каде според првичните сознанија е лишена од живот 29 годишна жена
-
Загинатиот Васко Саздовски во Нови Сад бил македонски научник