Македонија
8. November 2019 - 19:55

Трескавец сеуште нема водовод

И годинава нема решение за проблемот со водоснабдувањето на манастирот Трескавец. Иако изградбата на новите конаци вредна околу 2 милиони евра е скоро готова овој горлив проблем не дозволува да се направи технички прием. Трескавец годишно го посетуваат над 20.000 туристи, а моменталните извори можат да ги задоволат потребите на само 10-тина луѓе.

„Како инвеститор се јавува Општина Прилеп која уште во 2012 година го изработи проектот. Се работи за изработување на каптажа долу во расадникот, тоа е старата чешма ии потоа водата треба да се качи околу 500 метри нагоре во карпите каде треба да се изгради и новиот резервоар“, истакна монах Калист.

Министерот за култура Хусни Исмаили истакна дека за водата како Министерство тие не биле надлежни и дека за тоа треба да се заложи Општината и другите институции или да се аплицира во странските фондови.

„Иако не е наша обврска ќе обидеме во рамките на нашите можности на Министерството, ако треба на ниво на Влада ќе актуелизира ова прашање за да најдеме заедничко решение“, рече Хусни Исмаили, министер за култура.

„Ние правиме напори и со локалната самоуправа и со надворешни фондови, ги спомена министерот. Исто имаме контакти и со Министерството за транспорт и врски, значи нема да го оставиме тој проект незавршен“, додаде Блаже Атанасоски, директор на Завод и музеј Прилеп.  

Но иако има желба нема конкретно ветување кога ќе се изгради водоводот.