Трамп воведува нови царини, најавувајќи „златна ера“ за САД
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе започне, како што ја нарекува, „мајката на сите трговски битки“, со воведување нови царини кои, според него, ќе означат почеток на „златната ера“ за САД, но кои, според аналитичарите, можат да предизвикаат потреси во глобалната економија.
Трамп вчера, според неговата портпаролка Каролајн Левит, бил „фокусиран на финализирање“ на планот, чијашто содржина и обем остануваат мистерија. „Од утре, ограбувањето на Америка завршува“, изјави Левит, нагласувајќи дека царините ќе стапат во сила „веднаш“.
Новите царини ќе бидат претставени токму денеска, ден кој Трамп го нарекува „Ден на ослободувањето“, за време на церемонија во Белата куќа во 16:00 часот по локално време (23:00 часот по средноевропско време). Тоа значи дека одлуката ќе биде објавена веднаш по затворањето на Њујоршката берза, која веќе бележи нестабилност, како и останатите светски пазари, пишува Франс пренс, пренесува БТА.
Американската администрација не ги коментираше извештаите во медиумите дека се размислува за воведување унифицирана такса од 20 проценти на сите увозни производи, наместо царини базирани на потеклото на стоките.
Сепак, Трамп вчера изјави дека ќе биде „многу благ“ кон трговските партнери на САД, што внесе неизвесност во прашањето за вистинскиот обем на протекционистичките мерки.
Некои земји веќе подготвуваат одговор на можните мерки. Новиот канадски премиер, Марк Карни, изјави дека Отава ќе биде „многу внимателна“ при одлучувањето за реакција на „неоправданите мерки на американската влада“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека ЕУ не сака „непотребно да возвраќа“, но има „јасен план“ доколку се покаже потреба.Некои земји, како Виетнам, веќе превземаат мерки за намалување на сопствените царини со цел да избегнат удар од Вашингтон. Велика Британија, пак, „неуморно работи“ на постигнување билатерален трговски договор со САД, но британскиот премиер Кир Стармер призна дека „веројатно ќе има нови царински давачки“.
Азиските економски сили – Кина, Јапонија и Јужна Кореја – најавија забрзување на преговорите за слободна трговија, додека Израел вчера најави укинување на сите преостанати царини за увоз од САД, очигледно со цел да избегне реципрочни мерки од Вашингтон.
Трамп, кој царините ги нарекува „најубавиот збор во речникот“, тврди дека тие ќе ја заживеат американската индустрија, ќе го балансираат трговскиот дефицит и ќе помогнат во намалувањето на буџетскиот јаз.
Сепак, аналитичарите на „Голдман Сакс“ предупредуваат дека зголемувањето на царините може да има ист ефект како и зголемување на даноците, со тоа што ќе ја намали куповната моќ на граѓаните.
Од враќањето во Белата куќа, Трамп веќе ги зголеми царините на кинеските производи, на дел од увозот од Мексико и Канада, како и на челикот и алуминиумот.
Дополнително, од утре се очекува САД да воведат нови 25 отсто царини на увезените автомобили и авто-делови.
Ново на Сител
-
Вучиќ изјави дека ќе бидат распишани вонредни избори, но не прецизираше датум
-
СЗО: Глад и болести се шират во Судан, 25 милиони луѓе загрозени поради недостиг од храна
-
Жител на тетовско осомничен за задоволување полови страсти на јавно место
-
Поради сообраќајка во прекин регионалниот пат Маврови Анови - Дебар
-
Кривична за четири лица за тешка кражба, нанеле штета од над 10 милиони денари на ЈП за железничка инфрастрактура
-
Приведени две лица од Неготино, одзеле 30.000 евра од дом на брачен пар
-
Германија го запира извозот на воена опрема во Израел и повикува на прекин на огнот во Газа
-
76-годишна жена измамена за 20.000 евра - и кажале дека ќерка и била прегазена, биле потребни пари за операција