Свет
25. May 2017 - 22:12

Трамп се договори со европските лидери за зајакнување на притисокот врз Пјонгјанг

Американскиот претседател Доналд Трамп се договорил со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер да биде зајакнат притисокот врз Северна Кореја, соопшти Белата куќа по денешната средба во Брисел меѓу Трамп и лидерите на ЕУ.

Лидерите разговараа околу заедничките за САД и ЕУ предизвици во борбата против глобалниот тероризам и заштитата на своите национални територии, се наведува во соопштението.

Тие се согласија дека е неопходно да работат заеднички во продлабочување на соработката во областа на безбедноста, со цел борба против Исламска држава, спротивставување на радикализацијата и реакција на заеднички закани.

Исто така, била разгледана и заканата од страна на Северна Кореја и се согласија да работат заедно, со цел уште повеќе да го изолираат севернокорејскиот режим на политички и економски план.