Свет
1. January 2017 - 11:33

Трамп: Ниту еден компјутер не е безбеден

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека „ниту еден компјутер не е безбеден“ кога станува збор за приватноста на податоците, повторно изразувајќи скептицизам во однос на безбедноста на онлајн комуникацијата, која неговата администрација ќе ја користи секојдневно во планирањето на меѓународните односи.

Трамп пред новинарите за време на новогодишната прослава која синоќа ја организираше на својот имот во Мар-а-Лагу на Флорида истакна дека ретко користи мејл и компјутери, иако  често твитува.

Тој нагласи дека повеќе има доверба во пораките кои се напишани со рака.

- Дококу нешто навистина ви е важно напишете го и испратете го преку поштенска служба, на старомоден начин. Бидејќи ќе ви кажам нешто: Ниту еден компјутер не е безбеден, рече Трамп, додавајќи дека не го интересира што другите велат.

Трамп повеќе пати ги отфрлуваше тврдењата на американските разузнавачки агенции дека Русија се обидувала да влијае на претседателските избори преку хакерски напади.

Тој најави дека следната недела ќе се состане со претставници на разузнавачките агенции со цел да дознае повеќе за тие тврдења, нагласувајќи дека сака американските официјални лица „да бидат безбедни бидејќи тоа е мошне сериозно обвинение“.