Свет
3. November 2019 - 8:35

Трамп намалува драстично број на одобренија за бегалци кои ќе бидат примени во САД

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп драстично го намали бројот на бегалци кои ќе можат да влезат во САД оваа фискална година. Тој број се намали на 18.000 луѓе, јави ДПА.

Според одлуката, 4000 луѓе можат да бидат прифатени од Ирак и 1500 од Ел Салвадор, Гватемала или Хондурас. Останатите 12.500 се луѓе кои стравуваат од прогон заради своите верски убедувања или политички активности или кои се опфатени со Програмата за прием на бегалци од САД.

САД ја воведоа таа програма во осумдесеттите години на минатиот век. Во последната година на Барак Обама, околу 85.000 бегалци беа примени во САД. Во својата прва година на власт, Трамп го намали бројот на околу 53.000 во фискална година.

Владата на САД соопшти дека новиот бегалски максимум ќе им овозможи на властите да се фокусираат на проблемите долж јужната граница, каде што ситуацијата е оквалификувана како криза. Високиот комесаријат на ОН за бегалци соопшти дека се загрижени од тој потег на САД.