Трамп ги иззема телефоните и компјутерите од високите царини за Кина
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги иззема паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет царини, вклучително и царината од 145 отсто на увозот од Кина.
Според објавата на американската Царинска и гранична служба, изземањето ќе важи и за стоката што влегла во земјата или излегла од складиштата по 5 април. Од администрацијата на Трамп порачуваат дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната царинска стапка од 10 проценти, ниту според повисоката стапка што важи исклучиво за кинеските производи.
Одлуката доаѓа по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведуваат во Кина. Изземени се и голем број други електронски компоненти, вклучително полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, со што администрацијата на Трамп се обидува да ја заштити домашната индустрија од негативни последици.
САД се главниот пазар за Ајфон, а според податоците на Counterpoint Research, Епл минатата година држеше над половина од американскиот пазар на паметни телефони. Околу 80 отсто од ајфоните наменети за САД се произведуваат во Кина, а останатите 20 проценти во Индија.
Поради зголемената царинска неизвесност, Епл и други производители, како Самсунг, веќе со години се обидуваат да ги диверзифицираат производните синџири, преместувајќи дел од капацитетите во Индија и Виетнам. По стапувањето во сила на новите царини, Епл, според американските медиуми, ја забрза испораката на уреди произведени во Индија за да го надомести потенцијалниот недостиг.
Трамп на почетокот на неделата најави високи царини за стоки од речиси сите земји, но во средата ненадејно ја промени одлуката. Тој објави дека за земјите што не возвратиле со царини на американската стока ќе важи пауза од 90 дена, во текот на која ќе се применува единствена царина од 10% наместо повисоки стапки. Кина е изземена од оваа мерка бидејќи одговори со контрамерки, воведувајќи царина од 84 отсто на американските производи.
Како одговор на американските царини од 145 отсто, Кина дополнително ги зголеми своите царини на американската стока од 84% на 125%.
Белата куќа порачува дека станува збор за преговарачки механизам чија цел е постигнување подобри трговски услови за САД. Трамп тврди дека неговите царински политики ги поправаат неправдите во глобалниот трговски систем и помагаат за враќање на фабриките и работните места во САД.
Ново на Сител
-
Кумановец со „молотов коктел“ запалил трева во Средорек
-
Три лица се приведени за управување на возило под дејство на алкохол
-
Израел ги проширува операциите во централна Газа
-
Трипуновски: Земјоделците, задругите и преработувачите да ја поддржат кампањата „Македонско најдобро”
-
Успешно евакуиран повреден планинар кај камењарот на Пелистер
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за мир во Украина, но сака да ги постигне своите цели
-
Мицкоски: На потегот од Климештани до Охрид вклучени 1 100 -1 200 работници, над 400 камиони и повеќе од 100 булдожери
-
Загина мотоциклист од кумановско Лопате на автопатот Табановце-Куманово