Македонија
18. November 2025 - 16:38

Тотално безредие, хаос во финансиското работење, сомнежи за криминални дејства во прилепската болница

Тотално безредие, хаос во финансиското работење, огромни сомнежи за криминални дејства. Вака на кратко може да се опише работењето на прилепската болница во 2024 година според извештајот на државниот ревизор. Голем дел од обврските се платени ненавремено, селективно и без спроведени контроли, а кон поединечни добавувачи извршени се авансни плаќања без приложени фактури во износ од над 8 милиони денари. 

- Преземени се обврски за набавка на стоки и услуги во износ од 15.700.000 без никаква постапка за јавна набавка. Набавена е медицинска опрема во износ од 26.900.000 денари без утврдена потреба, при што дел од опремата за биохемиски анализи во вредност од 14.000.000 денари не е ставена во употреба, иако вработените укажувале дека таа не е неопходна. 

Болницата не издала ниту фискални сметки за здравствени услуги во износ од 4.400.000 денари, а 5.500.000 денари примени во готовина не се уплатени на сметката на Болницата, туку се исплатени директно преку благајната, што е спротивно на Законот.

Средствата во готовина се користеле за исплати на физички лица без договори за дело за што се дадени 4,46 милиони денари, а за гориво без доказ за користените возила се потрошени 449.000 денари. А за репрезентација пак јадење и пиење по кафеани и други расходи без поткрепувачка документација се потрошени 597.000 денари. 

Иако со одлука на Управниот одбор е утврден благајнички максимум од 60.000 денари, истиот не се почитувал, при што во одделни периоди во благајната на болницата во кеш имало и до 2,3 милиони денари наплатена партиципација.

Директорот на општата болница Кире Јоноски денеска беше во странство за да го прокоментира овие податоци.

- До крајот на 2024 година установата има побарувања во износ од 20,4 милиони денари кои се постари од три години, а за кои не се преземени активности за наплата. Притоа, приближно 29% од овие побарувања се евидентирани кумулативно, без наведување на конкретен должник (правно или физичко лице), што создава неизвесност во однос на нивната реална наплатливост. За дел од трошоците во износ од 730.000 денари кои се настанати по основ транспорт на болнички пациенти во други здравствени установи во државата не е изготвена и приложена соодветна поткрепувачка документација.

За сите овие неправилности известени биле надлежмните органи, а брз основа на дел од нив ОЈО Прилеп презеде Истрага против 32 физички и правни лица за злоупотреби при јавни набавки во прилепската болница