Тошковски: Загинувањето на Фросина не е само несреќа, туку резултат на пропусти во системот
Како министер за внатрешни работи, но пред сè како човек и како татко, не можам, а да не ја споделам вознемиреноста и револтот што деновиве го чувствуваме сите. Фросина Кулакова, млада девојка со светла иднина, повеќе ја нема, затоа што нејзиниот живот беше одземен од некој што никогаш не смеел да биде зад воланот. Ова не е само несреќа, ова е резултат на пропусти во системот што дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите, пишува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со смртта на девојката која почина откако во неа удри автомобил управуван од 20-годишно момче кое имало криминално досие.
Според Тошковски, јавноста со право прашува, како е можно лице кое е криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот? Ова, вели, не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.
-МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам. Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?, пишува министерот за внатрешни работи изразувајќи сочуваство за смртта на младата девојка.
Според него, годишно, повеќе од 140 луѓе ги губат животите во сообраќајни несреќи во нашата држава. Оваа бројка, нагласува, е неприфатлива и мора да нè натера на суштински промени.
-Наша обврска како држава е да спречиме вакви трагедии. Затоа, напорно работиме на што поскоро ставање во функција на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско санкционирање на сообраќајните прекршувања, без селективна правда, без оправдувања, без влијание на човечки фактор. Контролата ќе биде построга, казните неизбежни. Но, ниту едно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние кои веќе еднаш покажале дека се опасност за другите, истакнува министерот Тошковски.
Според него, гневот на јавноста е разбирлив, недовербата во институциите е оправдана, но, нагласува, ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените, вели Тошковски, мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.
Ново на Сител
-
71-годишен кумановец загина во сообраќајка при судар со товарно возило
-
Кривична пријава против две лица од Велешта кои му се заканувале на пратеник од Струга
-
ЦУК: 15 пожари на отворен простор, девет активни и шест под контрола
-
Од ноќеска нестабилно со пороен дожд и грмежи и услови за краткотрајно невреме, особено во четврток
-
Митевски: Најдоцна до крајот на септември зонско паркирање во Ново Лисиче и Реонски центар
-
Поевтинуваат бензините и дизелот
-
Повторно поставен споменикот на Андон Лазов-Ќосето
-
Изминатиов викенд 1148 сообраќајни прекршоци на територија на цела држава, 458 за брзо возење