Тошковски очекува безбедни, фер и демократски избори
Безбедни, фер и демократски избори очекува министерот за внатрешни работи Тошковски и покрај заострената реторика и најави за можни проблеми во изборниот процес во одредени општини. Тошковски вели дека веќе се преземени сите превентивни дејствија поврзани со изборите, а формирана е и посебна оперативна акција „Избори 2025“.
„Министерството за внатрешни работи уште пред повеќе од две-три недели има формирано оперативна акција ‘Избори 2025 година’. Активно работат службите, се преземаат сите оние дејствија за подготовка на самиот изборен процес и јас одржав еден состанок со Државната изборна комисија, на техничко ниво се одржани повеќе состаноци со ДИК, се подготвуваме и ги преземаме сите потребни чекори кои што се во наша надлежност. Од денешен аспект, ценам дека ќе имаме повторно уште едни демократски избори во Македонија“
За фер и демократски процес вчера средба со Матео Мачи, раководител на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР имаше и премиерот Мицкоски.
Во меѓувреме, финишира и процесот за потврда на кандидатите за градоначланици и советници, а утре веќе е закажана и ждрепката за редните броеви на кандидатите на гласачкото ливче. За изборните материјали, ДИК планира да потроши најмногу 800 илјади евра, зависно од тоа во колку општини ќе има втор круг. Вкупниот буџет за изборите е околу 10 милиони евра, од кои 2/3 ќе отидат на политичко рекламирање.
Официјалната кампања започнува на 29 септември и трае 20 дена. Првиот круг од изборите е на 19 октомври.
Според евиденцијата на ДИК, за трката на локалните избори во октомври првично се пријавија 315 кандидати за градоначалници и дури 10.592 кандидати за советници. Од овие 4 кандидати за градоначланици и 61 кандидат за советници не го поминале филтерот на проверка од службите и нивната пријава била отфрлена.
Партиите почесто кандидирале мажи од жени. Така мажите се застапени со речиси 56 отсто, додека жените со 44 отсто.
Очекувано, најголема возрасна група меѓу кандидатите е она од 36 до 45 години и такви се над 2.700 кандидати. Меѓу кандидраните има и 411-мина кои што туку станале полнолетни и добиле право да избираат и да бидат избрани.
Најмногу интерес за локалната власт има во Битола каде се пријавиле над 500 кандидати, потоа Куманово и скопските општини Аеродром, Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода со по околу 400 кандидати.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар