Македонија
14. August 2024 - 16:32

Топлотниот бран донесе зголемен број на интервенции на Скопската Брза помош

И овој топлотен бран донесе зголемен број на интервенции на Скопска Брза помош. Во Службата бележат по 10 –тина повици дневно за граѓани кои изгубиле свест на отворено поради високите темепратури. Иако и оваа лето работат со редуциран број, само 5 екипи во смена од 12 часа кои покриваат територија од речиси еден милион жители, шефот на смена доктор Карамановски вели дека со крајни напори се обидувале да стигнат на сите итни покани.

- Најголем дел од повиците се заради падови на јавни места, несвестица, вртоглавица, колапси, падови со физички повреди. Ние од тиа 5 екипи што ги имаме најчесто чуваме возило, ако се јави некој да испратим,е, покрај тоа што се јавуваат за покачен притисок, заради пореметување на ритамот на срцето, хронично болни. Со крајни напори ве уверувам дека успеваме да стигнеме секаде каде е потребно, некаде може и задоцнуваме, но тоа е на одредени места каде не е загрозен животот, изјави д-р Ѓорѓи Карамановски, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош Скопје.

Во службата 194 деновиве бележат и зголемен број на јавувања за лекарска помош поради покачена температура и стомачни вируси.

- Во градот владее стомачен вирус. Ако во моментот има над 10.000 луѓе со температура, не можеме секаде да постигнеме, затоа им даваме совети преку телефон, но во случај на голема дехидрираност и истоштеност, праќаме екипи, кои им приклучуваат инфузија или ги транспортираат до Инфективната клиника, д-р Карамановски.

Поради не почитување на препораките, од Трудовиот инспекторат информираат дека вчера и денес поднеле 16 решенија за забрана за работа откако затекнале работници кои работеле на отворено од 11 до 17 часот.

Според најавите топлотниот бран ќе трае до викендот кога се очекува, мало освежување со пад на температурите за неколку степени.