Свет
4. February 2020 - 13:22

Тома Фила: Не постои суд пред кој Курти би можел Србија да ја тужи за геноцид

Познатиот белградски адвокат Том Фила изјави денеска дека не постои суд во кој косовскиот премиер Албин Курти би можел да ја тужи Србија за наводен геноцид.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Фила оцени дека тужба пред Меѓународниот суд на правдата може да поднесе држава која е во ОН, додека Специјалниот суд за воени злосторства е наменет за судење на поединци, а не на држави.

Тој потсети дека Косово, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, е територија, а не е држава.

Фила за РТС изјави дека Курти ставовите за тужба против Србија ги упатува кон оние кои ја имаат преминато границата на национализмот.

-Јас сум националист, ја сакам Србија, но не сум шовинист, не сакам на другите да им биде лошо. Тој (Курти), играјќи се со ова, ќе направи проблем и за својот народ и за Србите во Косово, додаде Фила.

Вчера, новиот косовски премиер, Албин Курти, во експозето најави задолжителната воена служба и зголемени инвестиции во војската, како и усвојувањето на „закони за воени злосторства, геноцид и агресија на Србија“.