Македонија
12. November 2025 - 16:46

Токсиколозите со предупредување - во сезоната на печурки внимавајте какви плодови собирате!

- Сите печурки се јадат, само некои се јадат повеќе пати а некои само еднаш, вели д-р Андон Чибишев, токсиколог

 Десетина пациенти изминатиот месец завршиле на Токсикологија поради труење со печурки. Не дошло до сериозно влошување на нивната здравствена состојба бидејќи јаделе отровни плодови  но не од смртоносните видови кои виреат и на нашето поднебје. Клиничката слика според токсикологот Андон Чибишев почнува исто и кај едните и другите. Гадење, повраќање, силни болки во стомакот и дијареа кои со медицинскиот третман можат да завршат поволно во услови кога проблемите настанале 2 до 3 часа по консумацијата. 

- Имаме печурки кај кои симптомите се јавуваат 8, 10 дури и 40 часа по консумацијата и тие ги викаме труења со долг латентен период и тие се тие пд кои ние најмогу се плашиме затоа што покрај симптомите од гастроинтестиналниот синдром после тоа доаѓа до уништување на функцијата на црниот дроб а тоа пак се рефлектира на функцијата на бубрезите, вели проф.д-р Андон Чибишев, токсиколог од Клиника за Токсикологија. 

Чибишев вели дека овој период кога имаме пролет во ноември со претходни обилни врнежи е погодна почва и клима за виреење на дивите печурки. Предупредува дека грешат и оние кои мислат дека многу добро ги познаваат печурките и не се свесни дека собрале отровница која е смртоносна.

- Отровите во дивите печурки во отровните и смртоносните се термостабилни, значи тие не реагираат на висока температура. Можете термички да ги обработите колку сакате – да ги варите, пржите, печете со саати, отровот ќе остане ист како и во свежата печурка, вели Чибишев. 

Изминатите години на Токсикологија имало и смртни случаи поради труење со печурки а страдале и цели семејства. 

Постојат околу 5000 видови на печурки. Стотина од нив се отровни а од тие десетина се смртоносни и ги има на македонското поднебје.