Македонија
20. July 2016 - 19:38

Тодоров: Се отвора можност за организирање кредибилни избори

Се отвора можност да се организираат кредибилни избори на кои ќе учествуваат сите и на коишто народот ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата, изјави Никола Тодоров, член на ИО на ВМРО-ДПМНЕ, по денешните разговори за излез од политичката криза. 

Тодоров нагласи оти очекува дека на овие избори народот ќе  може да одлучи и да поддржи проекти и дела, градби, реформи, наместо, како што рече,  уништување и криза.

- Со овој договор се гарантира дека СДСМ ќе биде оневозможена да прави масовни партиски чистки во МВР и оти со ова по завршувањето на изборите завршува оваа влада која што, односно целиот тој тим на министри, заменици, дополнителни заменици коишто ќе бидат во владата нивниот мандат ќе престане по сила на закон од  страна на ДИК, изјави Тодоров.

Тој додаде дека е задоволен што, како што потенцира, на виделина ќе излезе лагата и манипулацијата што за цело време ја пласирала СДСМ за Избирачкиот список. - Ќе се види дека Избирачкиот список за цело време бил прочистен, дека немало никаков проблем со него и оти не бил причина заради тоа што СДСМ губи на избори. Основна причина заради тоа што СДСМ губел на избори е нивната неподдршка од македонскиот народ односно поддршката која што македонските граѓани ја даваат на ВМРО-ДПМНЕ и програмата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Тодоров.

Тоа што го барале СДСМ за Избирачкиот список, посочи, било прифатено. Сто седумдесет и една илјада  лица, како што појасни,  ќе бидат на посебен избирачки список обележани со ѕвездичка и нивното право на гласање не е доведено воопшто во прашање. Втора група од 39 илјади имаат обврска во определен временски период да се регистрираат. Доколку не се регистрираат, информира Тодоров, нема да бидат вклучени во Избирачкиот список, но ќе може да бидат повторно вклучени доколку се пријават во тек на јавниот увид за  Избирачкиот список за време на изборите.

- Тоа што СДСМ го бараше го доби, но она што ќе произлезе од целото нивно барање е тоа дека ќе се види оти цело време Избирачкиот список бил едно добро смислено алиби за блокирање или немање избори во Македонија, изјави Тодоров.

Се надевам, потенцира, дека овојпат СДСМ ќе се држи до договорот и нема повторно да бара изговор како овој договор да не се испочитува и повторно да избега од избори. - Се надевам дека СДСМ ќе собере храброст да се соочат со граѓаните и да дозволат како и во секоја демократија граѓаните да одлучат кој ќе ја води државата, рече Тодоров.

Доколку се прочисти Избирачкиот список и се направат промените околу медиумите, според Тодоров, во тој случај лидерите на партиите треба да потврдат дека се исполнети сите услови за избори, дека ќе учествуваат на тие избори и да се потврди датумот на избори.

- Не треба да се утврдува датум се додека немаме јасен став од СДСМ дека се исполнети сите услови за избори и дека ќе учествуваат на тие избори. Не смееме да дозволиме повторно да ја втурнат земјата во истата ситуација како двапати претходно, изјави Тодоров.