Бизнис
2. October 2015 - 16:58

Тимови на Катастарот и Управата за имотно правни односи во село Драчево

Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за имотно правни работи денеска во рамки на заедничките отворени денови го посетија село Драчево каде стручните тимови од двете институции остварија средби со граѓани.

На граѓаните, информираат од Агенцијата за катастар, им беа објаснети новите законски измени на Законот за катастар на недвижности со кој се овозможи во скратена постапка граѓаните да си ги уредат меѓите, а се објасни и олеснетата постапка за приватизација на градежното земјиште утврдена со измените на Законот за приватизација и закуп на државното земјиште.

На заедничката средба се утврди дека за граѓаните кои не го приватизирале земјиштето, неопходно е забрзување на процесот на приватизација со цел да можат со изјави дадени на нотар да си ги регулираат меѓусебните навлегувања на катастарските парцели.

- Со оглед дека најновите измени на Законот за приватизација предвидуваат за оние реони во земјата каде што нема донесен Генерален урбанитички план, односно нема Детален урбанистички план, Управата за имотно правни работи да може да донесе Заклучок, што е случај со селото Драчево, кој пак Заклучок е основ за катастарот да го трансформира корисничкото право во сопственичко право, на средбата се договори сите граѓани кои имаат поднесено барање за приватизација на земјиштето, од утре да се обратат до месната заедница во село Драчево и да ги достават броевите на предмети кои ги поднеле до Управата за имотно-правни работи - Подрачно одделение Кисела Вода, соопшти Агенцијата за катастар.

Оттаму посочуваат дека по добивањето на сите податоци Управата за имотно правни работи во максимално брза постапка ќе ги донесе Заклучоците со кои граѓаните од ова населено место ќе можат корисничкото право да го трансформираат во сопственичко право пред Агенцијата за катастар на недвижности.