Свет
10. November 2017 - 8:43

Тилерсон зборувал со Саудијците, нема потврда дали либанскиот премиер Харири е притворен

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон вчера телефонски разговарал со саудискиот колега Адел ал Џубеир, за состојбата во земјата откако престолонаследникот Мухамед бин Салман нареди апсење на десетици принцови и министри и откако Саудиска Арабија соопшти дека е во воена состојба со Либан.

Американскиот в.д. амбасадор во Саудиска Арабија имал средба со либанскиот премиер Сад Харири, кој пред неколку дена поднесе оставка за време на неговата посета на Саудиска Арабија и за кого се стравува дека е во домашен притвор во Ријад. Стејт департментот одби да го коментира статусот на Харири, односно дали тој е гостин на Саудијците или нивен заробеник.

Претседателот Доналд Трамп преку социјалната мрежа Твитер му изрази полна поддршка на Бин Салман за серијата апсења, велејќи дека има полна доверба во постапките на принцот и дека некои од уапсените принцови „со години ја молзеле“ Саудиска Арабија.

Трамп алудира на уапсениот принц Алвалид бин Талал, најбогатиот арапски мултимилјардер, кој во минатото јавно спореше со Трамп. Поради тоа, Трамп во 2015 година на Твитер го нарече „тупавиот принц кој сака да ги контролира американските политичари со парите на татко му“.