Тевдовски: Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто
Со ребалансот на Буџетот патните трошоци на Владата и институциите се намалени за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците, образложувајќи го прекројувањето на државната каса.
Ова, потенцира Тевдовски, е една од главните цели на ребалансот - намалување на непродуктивните трошоци кои се во рацете на власта и обезбедување простор за мерки што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија меѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија.
- Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари или во релативен износ 2,9 отсто од БДП. Вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денари, без здравствените услуги преку Фондот за здравство, истакна министерот.
Со ребалансот капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.
Дополнителни 1,2 милијарди денари се додаваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. За зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните, се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.
Обезбедени се и средства за субвенционирање на минималната плата, со цел таа да се зголеми на 12.000 денари од септември. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавачите во износ од околу 70 отсто од потребниот пораст на бруто платата.
- Ребалансот се темели на најконзервативна проекција на раст на реалниот БДП од 2,2 отсто во 2017 година наспроти предвидувањата на сите релевантни домашни и меѓународни институции, Народната банка од 2,5, Светската банка од 2,8 или Европската комисија од 2,9 проценти. Со ова ја покажуваме нашата намера да ја прекинеме праксата на преоптимистични макроекономски проекции како основа за повисоки планирани приходи и расходи. Нашата цел е реална и остварлива макроекономска проекција, која ќе биде најдобра основа за проекција на приходите и расходите, подвлече министерот.
Најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен, според него, со расходите на Владата. - Стоките и услугите на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиони денари на 266 милиони денари. Тоа се средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации. Сметаме дека ова е најдобар доказ за цврстата определба на новата влада за домаќинско работење со народните пари, истакна Тевдовски.
За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор, дополнително се алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милини денари. За споредба нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари, напомена министерот.
Ребалансот предвидува и поддршка на малите и средните претпријатија и поддршка на домашни гринфилд инвестиции од околу 135 милиони денари за до крајот на годинава, поддршка на домашниот туризам преку субвенционирање на работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари, решавање на материјалното обезбедување на стечајните работници, укинување на радиодифузната такса, поддршка за ИПА проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на предпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.
Дополни дека се задржува оценката за просечна стапка на инфлација од еден отсто, односно дефлатор на БДП од 1,4 проценти.
Првите ограничувања, како што потенцира Тевдовски, ќе бидат во делот на неподмирените долгови кои заклучно со 31 мај 2017 година изнесуваат 22,4 милијарди денари или 364 милиони евра, додека вторите се во делот на веќе склучените договори за тековни или идни проекти за чие евентуално раскинување, рече, државата ќе треба да плаќа пенали.
- Обврските на буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи, финансирани преку блок дотации изнесуваат шест милијарди денари. Долговите се најголеми во културата, дури 2,4 милијарди денари, а се должат пред се на неплатените обврски за концертната сала на Филхармонијата која беше помпезно отворена, Драмскиот театар, објектот „Мајка Тереза“ и театарот во Велес, посочи Тевдовски.
Сериозно високи се, додаде, и обврските на локалните образовни установи, министерствата за здравство, внатрешни работи и образование.
- Правиме реално согледување на остварените расходи и врз основа на тоа, нивно прилагодување во втората половина на годината, водејќи се од веројатноста за нивно остварување, посочи Тевдовски.
Повторувајќи ги предвидените нови мерки - минимална плата, решение за стечајците, поддршка на малите и средните претпријатија и на земјоделците, укинување на радиодифузната такса,..., министерот рече дека тие се дел од владината програма што може да се реализира на краток рок. Останатите планирани мерки, пак, што граѓаните и фирмите ги очекуваат, се дел од подлабоки системски промени, а ќе бидат вклучени почнувајќи со Буџетот за 2018 година на кој веќе се работи.
Во врска со отплатата на долгот, рече дека изнесува 18,3 милијарди денари во 2017 година.
Во рамки на буџетот е предвидена и можност за странското задолжување, но, дали и кога тоа ќе се реализира ќе зависи, рече министерот, од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање.
Тевдовски се осврна и на владината определба за редовно сервисирање на обврските и на раздолжувањето кон стопанството за што потврда е, нагласи, повратот на ДДВ. Но, целта на Владата, потенцира, не е само привремено да се справи со овој проблем, туку да постигне оддржливо справување со проблемот на кумулирање обврски на јавните институции.
Народниот правобранител Иџет Мемети посочи дека во Македонија во последниве години има тренд за слабеење на институцијата народен правобранител. Нагласи дека со ребалансот средства има само за плати и за основни работи, а не се предвидени за промовирање што е една од надлежностите на правобранителот.
- Само во Македонија се случува институцијата Народен правобранител да има пари, а да мора да ја праша извршната власт дали може да ги користи. За да може да промовира и да штити институцијата треба да добие плус 5 милиони денари, а наместо тоа со ребалансот средствата и се намалени, рече Мемети.
Посочи дека до крајот на годината во буџетот на народниот правобранител ќе остранат неискористени околу 6 милиони денари.
- Тие средства се доволни за 17 нови вработувања, но не знам како да постапам дали по Законот за народен правобранители или по Законот за извршување на буџетот. Верувам дека Владата ќе најде сили да се надминат правните парадокси и да му се овозможи на народниот правобранител самостојно да одлучува согласно буџетот кој го има, потенцира Мемети.
Претседателот на собраниската Комисија за финасирање и буџет, Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека ребалансот на буџетот не е реформски, бидејќи се кратат средства за капитални инвестиции кои значат раст и развој на економијата, а се зголемуваат за плати за да можат да се вработат партиски лица.
- Со ребалансот се запира целиот економски раст на државата за да се вдомат партиски војници, твитерџии, комичари и шарени револуционери на нови работни места во комисии и министерства за кои е предвидено зголемување на платата, рече Кузмановска.
Нагласи дека ребалансот се прави со единствена цел да се најдат средства за четирите предизборни ветувања на СДСМ заради што се предвидува раст на потрошувачка за 2,3 проценти и раст на вработеноста и платите.
- Четирите предизборни ветувања за вас се главни, бидејќи следат локални избори и моравте да најдете средства за нив. За овие четири категории се врши ребалансот на буџетот и не се знае од каде се врши алоцирање на средствата. Се кратат од основното образование во делот на капитални инвестиции, универзитетите, енергетиката,... Со еден збор секаде каде што има инвестиција која значи директен раст вие ја кратите. За сметка на тоа има зголемување на плати за вдомување на партиски членови во комсии и и министерства. Корисниците мора да знаат дека во ребалансот не се предвидени средства за зголемување на пензиите и социјалните надоместоци, рече Кузмановска.
За нејзе е нелогично да се задржи дефицитот од 2,9 отсто, ако се планира намалување на растот на БДП од 3 на 2,2 отсто.
- Во расправата на комисијата не добивме одговори зошто се кратат средства за училишта, водоводи, универзитети, опрема за лаборатории,...Од 840 поднесени амандмани не се прифати ниту еден со што се изневерени очекувањата на граѓаните, а се одбиени и амандманите порано поднесувани од СДСМ, како и за санирање на штетите од земојтресите во Охридско, за депонијата во Струга,.... Не го добив ни Извештајот кој требаше да го потпишам и којзнае каков стигнал во Влада за да се донесе изменетиот предлог на ребалансот на буџетот, рече Кузмановска.
Нејзиниот сопартиец Илија Димовски порача дека измените кои се предвидуваат ќе значат неразвоен и непродуктивен буџет што ќе го забави развојот и економијата.
- Ребалансот е лош за граѓаните, фирмите, странските инвеститори, пензионерите, младите. Во најголем дел има кратење на развојните проекти, а ги зголемува средставата за плати за најмалку 300 милиони денари во најмалку различни 16 ставки во буџетот. Се потврдува дека секогаш кога СДСМ е на власт економијата пропаѓа. Со ребалансот во најмала рака ќе стагнира економијата, а развој нема да има. Нема да има ни раст на БДП поголем од 1,5 отсто што го прави нереален, рече Димовски.
Со ребалансот, додаде, се предвидува и дополнително задолжување од 148 милиони евра од кои 100 од странатво и 48 домашно.
- Ребалансот крати онаму каде што не треба да крати. Се кратат 23 милони за СЕП, 21 за спроведување на рамковен договор, 676 за опремување и модернизација на АРМ, 60 милиони за реформи во полиција, 35 милиони денари помалку за развој на туризмот, 23 за промоција и поддршка на туризмот, 45 за ТИРЗ, 36 за инвестиции во животна средина, 49 за канализациски мрежи и одводни канали, 10 милони за заштита на води, 6,5 за водоводи и канализации во општините, 40 за изградба на плажи, 2,5 милиони за УХМР, 100 милиони за финасиска поддршка во руралниот развој,.., рече Димовски.
Тунтев Томислав од СДСМ рече дека со ребалансот е скратено од буџетот сето тоа што не може да биде реализирано и додаде дека е нормално да се прави ребаланс на буџет направен од поранешната власт.
- Овој ребаланс е најцврстиот доказ дека се прави за да се исполнат ветувањата дадени кон граѓаните за подобрување на животниот стандард. ВМРО-ДПМНЕ донесе популистички буџет зашто знаеше дека е изборна година. Буџетот беше лажиран и напумпан. Сегашната Влада ги крати токму средствата кои во последните 10 години никогаш не се реализирале. Капиталните расходи реализирани во однос на проектираниот дел од буџетот во последните 10 години се движат од 50 до 70 отсто. Сега токму се кратат расходите во расходната страна кои се знаат дека нема да бидат реализирани, а исто е и со приходната страна. Цел е да се намалат непродуктивните трошоци за да се најдат буџетски средства за ветените приоритетни мерки за поддршка на граѓаните, потенцира Тунтев.
Скратени се средства за фасадите од проектот Скопје 2014 секаде каде што можело, а зголемени се социјалните расходи. Предвидени се пари за минималната плата од 12.000 денари, средства за стечајците, за субвенционирање на МРТВ и укинување на радиодифузната такса,...
- Никогаш не рековме дека Македонија не треба да се задолжува, туку да не се трошат парите за непродуктивни проекти кои не враќаат додадена вредност. Задолжување да, но за капитални инвестиции, посочи Тунтев и додаде дека е нелогично ВМРО-ДПМНЕ да ги поднесува сега амандманите кои ги поднесе СДСМ кога се носел буџетот за 2017 година, бидејќи доколку сакале тогаш можеле да ги прифатат.
Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот ќе продолжи в четврток и може да трае најмногу пет дена.
Ново на Сител
-
Алкалоид осминафиналист во Европскиот куп
-
Во Грузија и вечерва продолжија антивладините протести
-
ФФМ: Одложени натпреварите од 17. коло во ПМФЛ
-
Семејна драма во Штип: Мајка ја нападнала ќерка си
-
Поради снег забрани за тешки товарни возила на патот Кичево - Охрид и кај Плетвар
-
Малолетник од Скопје со нож се заканувал на соученици
-
Прегазен пешак во Битола, итно пренесен на Клиника
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје