Бизнис
28. јуни 2017 - 12:33

Тевдовски: Од септември, со државна поддршка, минималната плата 12.000 денари

Со 1,5 милион евра буџетски средства месечно, Владата ќе ги поддржи компаниите да исплаќаат минимална плата од 12.000 денари.

Како што соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдовски, поддршката ќе почне од септември кога се очекува и стартот на исплатата на минималната плата од 12.000 денари со што до крајот на годинава би биле потрошени шест милиони евра државни пари.

Ова е владиниот предлог што се разгледува со сите засегнати страни, синдикалците, коморите и работодавачите и според кој, од март 2018 година буџетската поддршка би се преполовила и би изнесувала 750.000 евра месечно.

- Средствата за финансиска поддршка на компаниите од септември до декември 2017 година, вкупно шест милиони евра, се предвидени со ребалансот на Буџетот, истакна Тевдовски на прес-конференција.

За работодавачите, владиниот предлог е прифатлив. - Зголемувањето на платите по максимум 2.000 денари од вработен или 16 отсто не е голем товар за бизнисот, оцени претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров пред средбата со Тевдовски за минималната плата.