Македонија
22. March 2016 - 12:27

Теренската проверка на Избирачкиот список почнува кон крајот на неделава

Државната изборна комисија кон крајот на неделава ќе ја почне теренската проверка на 100.436 записи кои произлегоа од вкрстената проверка на податоците и граѓанската контрола преку веб апликацијата на Комисијата, во рамки на процесот на прочистување на Избирачкиот список. Теренската провека се очекува да трае од една недела до десет дена. 

Списокот колку лица во која општина ќе се проверуваат, ДИК ќе го има пред самата проверка бидејќи ИТ тимовите се уште работат на него, појасни Адмир Шабани, раководител на оделение во Државната изборна комисија. 

Како што соопшти на денешната прес - конференција Љупка Гугучевска, советник во ДИК, теренската проверка ќе ја вршат 374 овластени анкетари, а нивни контролори ќе бидат раководителите на подрачните единици на ДИК. Контролорите ќе имаат список на лица за проверка, со назначен основ по кој се проверуваат. 

Прашалникот што треба да го пополнуваат анкетарите е изготвен и се очекува до крајот на денот да биде објавен на веб страната на Комисијата. Анкетарите, кои ќе се идентификуваат со специјални беџови од ДИК и лични карти, ќе ги посетуваат домовите на лицата кои се на овој список на неконзистентни записи од 8:30 до 19:00 часот. По завршувањето на проверката прашалниците треба да ги доставуваат до контролорите. Доколку лицето што се бара анкетарот не го најде два пати, тогаш на адресата каде што се води ќе им стави писмено известување во рок од три дена да се јави во подрачното одделение на ДИК.  Ако анкетарот не го најде лицето тогаш од блиски роднини може да добие информација околу тоа зошто е отсутно. Ако адресата што е спорна не постои или, пак, станува збор за јавен објект, тоа анкетарот треба да го евидентира во прашалникот. 

Пасивно набљудување на целиот процес ќе може да вршат претставници на четирите најголеми политички партии. Тие ќе го набљудуваат процесот без преземање на какви било дејствија, објасни советничката Гугучевска. 

Граѓаните кои нема да им дадат информации на анкетарите нема да бидат казнувани. - ДИК засега нема предвидено казни, рече Гугучевска изразувајќи надеж дека граѓаните ќе соработуваат за да се врати довербата во Избирачкиот список. 

Од ДИК не посочија врз кои основи ќе се бришат или, пак, ќе се корегираат записи од Избирачкиот список. - Целта ни е да ги провериме податоците, потоа ќе тече друга постапка, рече Гугучевска. 

ДИК објави дека ќе реализира медиумска кампања „Отворени врати“ и ги повика граѓаните да учествуваат во проверката која треба да овозможи, како што беше посочено, веродостоен Избирачки список. - Време е граѓаните да отворат врата и да помогнат да се направи веродостоен Избирачки список, рече Гугучевска. Во рамки на кампањата ќе се емитува видео спот на македонски, албански, ромски, влашки, турски, српски и бошњачки јазик, со кој се повикуваат граѓаните да учествуваа во проверката на податоците.