Loading Video...
Свет
7. September 2023 - 12:41

Тенковска муниција со осиромашен ураниум од САД за Украина

Украина добива нов пакет воена помош од САД која овојпат ќе вклучи и муниција со осиромашен ураниум која ќе може да ја користат украинските тенкови. Новиот пакет го објави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен кој е во посета на Киев. Министерството за одбрана на САД најави дека во рамките на новиот пакет оружје кој ќе и биде испорачан на Украина во вредност од 175 милиони долари е содржана и муниција со осиромашен ураниум со калибар од 120мм за американските борбени тенкови „Абрамс“. Користењето муниција со осиромашен ураниум според меѓународното право не е забрането но таа е исклучително спорно затоа што металот е отровен како за војниците така и за луѓето каде се користи при војувањето. 

Поддршка за украинската армија утрово изрази и првиот човек на НАТО, Столтенберг кој рече дека контраофанзивата на Украинците напредува послабо од очекувањата додека гледа решеност кај Украинците да ја ослободат својата земја. 

На ваквите најави остро реагираше Москва. Рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков истакна дека ова е кривично дело и момент кој дополнително ќе ја разгори битката. 

Во меѓувреме продолжуваат меѓусебните напади со дронови. Украина како одмазда за вчерашниот напад на истокот од земјата во кој загинаа 17 лица утрово со дронови ги нападна руските градови Брјанск и Ростов при што еден дрон падна во централното градско подрачје на градот Ростов на Дон. Русија пак истрелала 33 дронови на украинска територија најголем број во областа на Одеса а украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 25.