Македонија
9. September 2021 - 16:39

Технички проблеми со пописот ги оставија попишувачите дома

По само 4 дена попишувачите се дома, а пописот е во прекин. Од Државниот завод за статистика сепак уверуваат дека прекинот е привремен, но без детали кога попишувачите повторно се враќаат на терен.

- Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување. Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават за процесот да продолжи со несмален интензитет, информираат од ДЗС.

Но дека оваа статитичка операција нема да тече без проблеми стана јасно уште вториот ден, кога попишувачите мораа да ги исклучат компјутерите поради технички проблеми и преоптовареност на апликацијата. Кусо по нејзиното рестартирање пописот на населението, домаќинствата и становите продолжи.

Но и покрај секојдневните прекини од Државниот завод за статистика се задоволни од темпото на попишување и соработката која ја добиваат од граѓаните на терен. За само 4 дена попишани се над 200 000 граѓани, бројка која според ДЗС ветува успешен процес.

Пописот ќе трае до 30 септември, а првите податоци се очекуваат на почетокот на следната година.