Македонија
23. February 2024 - 16:49

Тече рокот за собирање потписи за претседателска кандидатура

Започна трката за собирање на потписи за кандидатите за претседател на државата. Од денеска до 8 март, подносителите на кандидатури ќе ја бараат поддршката на граѓаните и да соберат 10 илјади потписи за да станат дел од трката за нов шеф на државата. До ДИК веќе пристигнуваат изјави за прифаќање на иницијативата за собирање потписи.  

Според поднесените изјави и номинациите од партиите 12 кандидати влегуваат во трката за нов претседател на државата. Професорката Гордана Силјановска Дафкова е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ најсериозен кандидат е актуелниот претседател Стево Пендаровски, но одлука не е донесена. Бујар Османи од ДУИ ќе ги мери силите и со Арбен Таравари како кандидат на албанската опозиција. Стевчо Јакимовски од Гром, Максим Димитриевски од ЗНАМ, уверени биле дека ќе ја заменат градоначалничката со претседателската позиција. Професорката Билјана Ванковска ќе собира потписи како кандидат на Левица. За првпат и Бошњачкиот сојуз ја номинира Мерсиха Смаиловиќ за кандидат, а во трката за собирање потписи влегува и инфектологот Вело Марковски. Томе Николоски, Господин Поповски и Ѓорѓи Манасков, ќе се обидат да обезбедат 10 илјади потписи.

ДУИ веќе почнале со собирање на потписи за кандидатурата на Бујар ОСмани. Велат дека сега било време за албанец претседател.

Професорката Билјана Ванковска како кандидат на Левица пак обвинува дека веќе имаат потешкотии при собирање на потписи, за што прстот го вперува во ДИК. 

Со потешкотии се соочувале и граѓаните кои сакале да дадат потпис за Димитриевски од ЗНАМ. Барат ДИК да ги зголеми капацитетите.

Бошњачкиот демократски сојуз за првпат со Мерсиха Смаиловиќ ќе бара поддршка за претседателската изборна трка. 

Според роковникот на ДИК потписи ќе се собираат до 8 март. Оние кандидати кои се предложени од група граѓани ќе мораат да соберат 10 илјади потписи за да се најдат на избирачкото ливче, а доколку предлагачи се пратеници, потребни се 30 потписи. 

Кампањата за претседателските избор стартува на 4 април. Првиот круг е закажан за 24 април, а вториот на 8 мај, кога треба да се одржат и претседателските избори.