Македонија
24. September 2020 - 16:38

Тече рокот за избор на нов народен правобранител, кој ќе го замени Мемети?

Датумот за распишување оглас за избор на нов народен правобранител истекува денеска. 3 месеци пред завршување на мандатот на актуелниот , се распишува оглас  согласно законот. Иџет Мемети на функција е до 24 декември. Од Собранието велат огласот ќе биде распишан но не прецизираа кога. До сега не го објавиле бидејќи работеле на други тековни активности. Датумот велат сигурно ќе биде запазен иако за тоа надлежен е претседателот на Собранието.

Иако во јавноста се зборуваше дека за оваа позиција претендент е кандидатот на ДУИ за претседателските избори Насер Зибери, тој ги негираше информациите. Во разговор за Сител вели до него не пристигнала ваква информација и не планира да се пријави за позицијата Омбудсмен. Второт име кое се споменува е на градоначалникот на о. Сарај Блерим Беџети поранешен министер за правда. И тој е кадар на политичката партија ДУИ. Тој денеска не одговори на нашите повици.  Според информации на Сител трет на листата кандидати е и заменикот народен правобранител  Јован Андоновски. На позицијата заменик беше избран во 2016 година.

Додека се бара негов заменик неизвесно е дали неславно ќе заврши кариерата на Иџет Мемети како правобранител по цели 16 години. Поради сериозните обвинувања од вработените кои беа објавени во медиумите, реакции пристигнаа од граѓанскиот сектор. Од „Мрежа за заштита од дискриминација“ бараат ДКСК да го истражи работењето на Мемети а Собранието да избере нов народен правобранител по заслуга.

Бараме Собранието конечно да избере Народен правобранител по заслуга, со што нема да дозволи партиска узурпација на институцијата и ќе овозможи реформирање и трансформација на институцијата Народен правобранител во ефикасен механизам за заштита на човекови права, која храбро и доследно ќе се спротиставува на прекршувањата на правата од страна на институциите, арбитрарно и дискриминаторско однесување и постапување.

Анонимна пријава против Иџет Мемети  пристигнала и до Антикорупциска од каде најавија дека ќе постапуваат.