Македонија
27. January 2021 - 9:05

Тавилах: Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку повеќе циркулацијата на вирусот ќе се намали

Тешко е да се предвиди точниот датум кога вакцините од КОВАКС механизмот би пристигнале во Република Македонија. Во едно неодамнешно соопштение, КОВАКС најави дека испораката на вакцините на државите-учеснички во механизмот би можела да почне за време на првото тримесечие од 2021 година, но дека тоа зависи како од поволните регулаторни одлуки, така и од подготвеноста на здравствениот систем и на националниот регулаторен систем во секоја од поединечните земји. Доколку нема проблеми во делот на регулаторните одлуки или во делот на подготвеноста на државата, намерата е првичните дози од вакцината да им бидат испорачани на сите земји-учеснички во КОВАКС механизмот истовремено или што поблиску до таа цел.

Ова во интервју за МИА го истакнува д-р Џихан Тавилах, претставник на Светската здравствена организација во Република Македонија. Таа потсетува дека СЗО одобри итна употреба на вакцината Pfizer Ковид-19 (BNT162b2) и посочува дека во моментов има 12 вакцини што се предмет на оценување за добивање одобрение за итна употреба, од кои три се во завршната фаза од оценувањето, а постојат уште две други вакцини кои во моментов се наоѓаат во фазата на доставување на потребните податоци до СЗО.

– Зголемената циркулација на вирусот преку неговото ширење кај населението веројатно ќе резултира со повеќе мутации, а некои од нив може да имаат различни импликации. Затоа е важно луѓето да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна. СЗО не препорачува вакцинирање на бремените жени. Според доказите со кои се располага во моментов, вакцинација со Ковид-19 може да се понуди без оглед дали лицето имало симптоматска или асимптоматска инфекција со SARS-CoV-2. Вакцините се проучувани на различни групи од населението и утврдено е дека се безбедни и подеднакво ефикасни и кај лицата со познати медицински проблеми како на пример висок крвен притисок, шеќерна болест, астма, белодробни заболувања, заболувања на црниот дроб или на бубрезите, како и кај оние со хронични инфекции кои се стабилни и контролирани. Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку повеќе циркулацијата на вирусот ќе се намали, а со тоа и неговиот потенцијал за нови мутации и варијанти, вели д-р Тавилах за МИА.

Таа истакнува дека позната историја на алергиска реакција (на пр. анафилакса) на било која компонента од вакцината претставува контраиндикација. Според неа, вакцината BNT162b2 не треба да се дава на лица со позната историја на тешка алергиска реакција на полиетилен гликол, затоа што овој производ, кој е една од компонентите на вакцината, може да предизвика анафилакса.

Потенцира дека е важно и натаму да продолжиме со општите заштитни мерки за кои знаеме дека се делотворни против ширење на заразата, како што се миењето раце и носењето маска сè до моментот кога опфатот со вакцинација ќе биде таков што ќе почне да предизвикува „имунитет на стадо“, познат и како „имунитет на популацијата“, а на овој начин се обезбедува и индиректна заштита од заразна болест која се јавува кога кај одредена популација ќе се развие имунитет преку широкораспространета вакцинација.

Во продолжение следува целото интервју со претставничката за СЗО во земјава, Џихан Тавилах.

Кога се очекува во државава да пристигнат вакцините против Ковид-19 преку Ковакс механизмот и зошто има застој во испораката?

КОВАКС претставува глобален механизам кој има за цел да обезбеди правичност во пристапот до вакцините против Ковид-19 за сите земји, како за богатите, така и за тие со помалку ресурси. СЗО и нејзините партнери работат напорно на воспоставување структура која би го овозможила посакуваниот правичен пристап до вакцини. Треба да се истакне дека правичниот пристап до вакцини против Ковид-19 е од суштинска важност за сите да имаат корист од овие вакцините кои претставуваат глобално јавно добро. Ние како СЗО мора да сториме сè што е потребно за вакцините што ќе се дистрибуираат да бидат безбедни, ефикасни и со осигурен квалитет, а од другата страна се државите кои прават подготовки за вакцинацијата обезбедувајќи ја целата потребна логистика за оваа операција. СЗО, УНИЦЕФ, Светската банка и другите партнери остваруваат интензивна соработка со државите на планот на подготовките за вакцинирање. Да резимирам: механизмот КОВАКС има за цел да испорача две милијарди дози на безбедни и делотворни вакцини до крајот на 2021 година.

Не можеме да кажеме дека се доцни со испораката на вакцините преку КОВАКС механизмот затоа што уште минатата година КОВАКС најави дека испорака на вакцините се очекува во првото тримесечие од 2021 година. Значи, сè уште се движиме по колосекот кој соодветствува на зацртаниот распоред. Авансни купопродажни договори со производителите на вакцини може да се склучат само откако ќе се покаже дека вакцините се безбедни и делотворни и одобрени за користење од страна на СЗО (таканаречената Листа за итна употреба) или од страна на овластен регулаторен орган; дури потоа сите земји треба да добијат дози сразмерно на бројот на нивното население за да ги вакцинираат групите од највисок приоритет – лицата кои се под најголем ризик од смрт или оние кои имаат тешко заболување.

СЗО одобри итна употреба на вакцината Pfizer Ковид-19 (BNT162b2) на 31.12.2020 година и е на пат да го направи истото и за други вакцински производи во периодот од февруари до јуни 2021 година. Во моментов има 12 вакцини што се предмет на оценување за добивање одобрение за итна употреба, од кои три се во завршната фаза од оценувањето. Постојат уште две други вакцини кои во моментов се наоѓаат во фазата на доставување на потребните податоци до СЗО.

КОВАКС го најави потпишувањето на авансен купопродажен договор за количина до 40 милиони дози од вакцината „Фајзер-Бајонтех“ (Pfizer-BioNTech); испораките на вакцините до државите треба да започнат веднаш откако ќе се склучат купопродажните договори. КОВАКС исто така најави дека до моментот на нивно одобрување за итна употреба, околу 150 милиони дози од вакцината-кандидат за одобрување „Астра Зенека / Оксфорд“ се очекува да бидат ставени на располагање во првото тримесечие од 2021 година врз основа на постојните договори што СЗО ги има со Индискиот институт за серуми и со „АстраЗенека“.

Значи, КОВАКС е на добар пат да испорача најмалку две милијарди дози до крајот на 2021 година, а во оваа бројка влегуваат најмалку 1,3 милијарди дози за 92 земји со низок доход во рамките на Gavi КОВАКС AMC.

Не треба да заборавиме дека испораката на вакцини преку КОВАКС механизмот ќе зависи и од тоа дали ќе се произведат доволно дози на вакцини и дали доволно ќе се инвестира во истражувачката дејност и во капацитетите за производство, набавка и испорака. Ако тоа биде така, тогаш може да се постигне брзина во испораката на вакцините каква што не е видена никогаш порано.

Државите од КОВАКС механизмот ќе добиваат пратки со дози кои постепено треба да доведат до 20 отсто покриеност на населението со вакцинација (со цел да се овозможи вакцинирање на најголем дел од припадниците на ризичните групи во државата) до крајот на 2021 година.

Тешко е да се предвиди точниот датум кога вакцините од КОВАКС механизмот би пристигнале во Република Македонија. Во едно неодамнешно соопштение, КОВАКС најави дека испораката на вакцините на државите-учеснички во механизмот би можела да започне за време на првото тримесечие од 2021 година, но дека тоа зависи како од поволните регулаторни одлуки така и од подготвеноста на здравствениот систем и на националниот регулаторен систем во секоја од поединечните земји. Доколку нема проблеми во делот на регулаторните одлуки или во делот на подготвеноста на државата, намерата е првичните дози од вакцината да им бидат испорачани на сите земји-учеснички во КОВАКС механизмот истовремено или што поблиску до таа цел.

Дали оздравените од Ковид-19 треба да ја примат вакцината?

Според доказите со кои се располага во моментов, вакцинација со Ковид-19 може да се понуди без оглед дали лицето имало симптоматска или асимптоматска инфекција со SARS-CoV-2. Допрва треба да се соберат докази за времетраењето на имуниот одговор после инфекција и/или вакцинација. Затоа е важно луѓето да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна.

Треба да додадеме и дека препораките на СЗО околу вакцинацијата се дека сите земји прво треба да ги вакцинираат своите најприоритетни т.е. најризични групи и на тој начин да го оптимализираат ефектот од првичната ограничена понуда на вакцини.

Каков е ставот на СЗО, дали луѓето кои имаат алергиски реакции треба да ја примат вакцината против Ковид-19, имајќи го предвид фактот што одредени држави во кои веќе почна вакцинирањето предупредија тие да не ја примаат вакцината? Ако не треба да ја примаат вакцината, како тие луѓе ќе се заштитат од Ковид-19?

Еден од највисоките приоритети на СЗО е да осигура квалитет, безбедност и ефикасност на вакцините. Процесот на создавање на вакцините против Ковид е забрзан, се движи по „брза лента“, но притоа се запазуваат највисоките стандарди, со други зборови, истите чекори што биле користени за создавање на другите вакцини се употребени и за вакцините против Ковид-19. Со оглед на итната потреба да се стави крај на пандемијата, паузите меѓу чекорите, кои во многу случаи се потребни за да се обезбеди финансирање, овде се скратени или целосно елиминирани, а во одредени случаи чекорите се спроведуваат паралелно за да се забрза процесот, секаде каде тоа може безбедно да се направи.

Позната историја на алергиска реакција (на пр. анафилакса) на било која компонента од вакцината претставува контраиндикација. Па така, вакцината BNT162b2 не треба да се дава на лица со позната историја на тешка алергиска реакција на полиетилен гликол, затоа што овој производ, кој е една од компонентите на вакцината, може да предизвика анафилакса.

Да го земеме случајот кога одредени лица пријавуваат историја на алергија и анафилакса на други соединенија: во овој случај лекарот задолжен за вакцинацијата треба да направи проценка на ризиците за да утврди за каков тип и сериозност на реакција станува збор и колкава е веродостојноста на информациите. Ваквите лица може да бидат вакцинирани, но треба да добијат совети за непознатите ризици од развивање на тешка алергиска реакција и да се одмерат овие ризици наспроти придобивките од вакцинацијата. Состојбата на овие лица треба да се набљудува во период од 30 минути по вакцинацијата.

Со оглед дека мал број анафилактички реакции биле пријавени и кај лица без историја на тешки алергиски реакции, вакцината треба да се дава само во здравствена установа каде може да се третира анафилакса. Сè додека не се добијат повеќе податоци и искуства во врска со тешките алергиски реакции на вакцинацијата со BNT162b2, сите вакцинирани треба да се набљудуваат во период од 30 минути по вакцинацијата.

Од друга страна, сакам да истакнам дека во моментов СЗО не препорачува вакцинирање на бремените жени, затоа што ни се потребни уште докази за да имаме јасна слика во однос на оваа категорија. Што се однесува до жените кои дојат и се дел од некоја група, како на пример здравствени работници за кои има препорака да се вакцинираат – вакцинација може да им биде понудена. Не постои препорака за прекин на доењето после вакцинација.

Вакцините се проучувани на различни групи од населението и утврдено е дека се безбедни и подеднакво ефикасни и кај лицата со познати медицински проблеми како на пример висок крвен притисок, шеќерна болест, астма, белодробни заболувања, заболувања на црниот дроб или на бубрезите, како и кај оние со хронични инфекции кои се стабилни и контролирани. Вакцината е тестирана во рамките на големо, рандомизирано и контролирано испитување во кое учествуваа лица од двата пола, од најразлични возрасни групи, со различна етничка припадност и различни заболувања. Во границите на статистичката моќ на испитувањето, кај сите популации се покажа истото високо ниво на ефикасност на вакцината.

Овде треба да разјасниме дека е важно и натаму да продолжиме со општите заштитни мерки за кои знаеме дека се делотворни против ширење на заразата како што се миењето раце и носењето маска сè до моментот кога опфатот со вакцинација ќе биде таков што ќе почне да предизвикува „имунитет на стадо“, познат и како „имунитет на популацијата“, а на овој начин се обезбедува и индиректна заштита од заразна болест која се јавува кога кај одредена популација ќе се развие имунитет преку широкораспространета вакцинација.

Вие со која вакцина против Ковид-19 ќе се вакцинирате?

Самиот факт дека имаме избор на толку многу вакцини создадени во време од само една година колку што трае оваа пандемија на Ковид-19 е навистина без преседан во историјата. Кога ќе се создаде можност и, секако, во согласност со утврдениот редослед од страна на СЗО и Владата на РМ за приоритетно вакцинирање на одредени популациони групи, со задоволство ќе примам вакцина која добила оценка дека е безбедна, ефективна и квалитетна од страна на СЗО и/или овластен национален регулаторен орган во согласност со научно договорените стандарди и критериуми за безбедност, делотворност и квалитет.

Би сакала да повторам дека одлучувањето засновано на докази е од најголема важност за СЗО и за мене лично, како што тоа го правевме секојдневно со тековнава пандемија на Ковид-19. Секоја одлука во врска со вакцината против Ковид-19 треба да се носи во согласност со овој преовладувачки принцип. Во моментов постои само една вакцина одобрена од СЗО за итна употреба (вкацината Pfizer/BioNTech), а неколку други се очекува да бидат одобрени наскоро, односно во месеците кои доаѓаат.

Во случаите каде се потребни две дози, и двете треба да се од истиот вакцински производ. Сè уште не постојат студии за тоа дали е во ред двете дози да бидат од две различни вакцини.

Дали вакцините одобрени за употреба против Ковид-19 штитат и од неговите најнови мутации?

РНК вирусите како САРС КоВ2 имаат тенденција брзо да мутираат. Колку повеќе дозволуваме вирусот да се шири, толку повеќе тој може да се менува. Сè уште учиме за значењето на овие или други мутации. Сите мора да продолжиме да ги преземаме сите чекори за забавување и конечно запирање на ширењето на вирусот.

СЗО работи со научници и е во постојан контакт со здравствените власти на Обединетото Кралство и Јужна Африка за да разбереме како промените влијаат на однесувањето на вирусот, вклучително и дали променетиот вирус може да предизвика потешка форма на болест или да има влијание врз вакцините или тестовите.

Моменталните докази покажуваат дека варијантата на вирусот во Обединетото Кралство се шири побрзо и има поголема веројатност да предизвика сериозна форма на болест и смрт. Владата на Обединетото Кралство објави дека во оваа фаза нема докази кои би укажувале дека вакцините против Ковид-19 што во моментов се користат низ целата земја нема да штитат од новата варијанта на коронавирусот.

Зголемената циркулација на вирусот преку неговото ширење кај населението веројатно ќе резултира со повеќе мутации, а некои од нив може да имаат различни импликации. Затоа, важно е тој да се запре на изворот, преку одржување физичка дистанца, носење маска и сите други превентивни мерки. Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку повеќе циркулацијата на вирусот ќе се намали, а со тоа и неговиот потенцијал за нови мутации и варијанти.

СЗО ќе продолжи да доставува информации до земјите и до јавноста како што ќе стекнуваме нови сознанија. Мојата последна и најважна порака до сите читатели на МИА е дека вакцините се важни и придонесуваат за запирање на пренесувањето на вирусот, но и дека треба да се продолжи со примената на заштитните мерки како што се миењето раце, одржувањето физичка дистанца и носењето маска и во наредните месеци.