Македонија
23. December 2021 - 16:31

Татко и син без кров над главата по пожарот во нивната куќа

Пеплосани греди и градежен шут е сè што останало од домот на Бранко Цветковски. Скоро три месеци откако пожар целосно ја уништи нивната куќа, самохраниот татко и неговиот син, кој е со посебни потреби, едвај ги минуваат деновите. Бранко спие во неговата стара кола, а 17-годишниот Бојан спие во подрумот, каде нема никакво греење.

Бојан е сè за што Бранко живее, но за да му овозможи пристоен живот потребна му е работа. Единствени приходи се 7.500 денари помош, која му следува на малолетниот Бојан. Неговата мајка починала пред околу 6 години. Бидејќи е со посебни потреби таткото мора постојано да се грижи за него и тоа е пречка да најде соодветна работа.

Од Општина Ѓорче Петров ветиле финансиска помош и привремено сместување на детето во интернатот во средното училиште, каде што учи. Но, Бранко вели дека сè уште не добил помош за обнова на домот, а Бојан не можел да седи во интернатот бидејќи не исполнувале еден од условите.

Бранко е благодарен за секоја помош и се надева дека ќе успее да изгради барем една соба каде со синот ќе спијат на топло за време на овие зимски ноќи со минусни температури.