Македонија
25. July 2024 - 16:42

Таравари со ново ветување – Парите не се проблем, наскоро ќе има проширување на позитивната листа

Пари има и не постои никаков проблем. Само да заседава новиот состав на УО на Фондот и ќе има проширување на Позитивната листа со 9 нови лекови. Повторно министерот за здравство со најава кога пациентите ќе имаат современа терапија на рецепт, откако тоа не се случи како што ветуваше во првите три недели по неговиот мандат. 

Само чекаме да се избере новиот Управен одбор. На првата седница на Управниот одбор на Фондот, позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на ФЗОМ. Деветте предложение лекови не се спорни, туку се прифатени и нема да има голема финансиска импликација врз буџетот. Со ова, после 15 години ќе биде проширена позитивната листа за првпат, а до крајот на годината се надевам ќе ја прошириме и со нови неколку лекови, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Таравари не кажа колку пари се потребни за проширување на позитивната листа и кој ги обезбедил, имајќи во предвид дека поради буџетските дупки, нема во моментот финасии за сите барања во здравствениот систем. Наспроти министерот, директорот на Фондот вчера изјави дека за десетина дека ќе знаат дали ќе има нови лекови на рецепт бидејќи прават темелна анализа. 

- Секој ден се јавуваат од клиники, од болници, дека се блокирани, дека фондовите за условно финансирање се потрошени. Убеден сум дека со домаќинско работење ќе најдеме начин да ги покриеме сите потреби до крајот на годината. За 2025 година малку размислуваме разумно во насока следното гледање на позитивната листа да не биде мало дотерување на листата, туку да биде посуштинска, посодржинска промената

Фондот не дава само финасии туку купува здравствени услуги и мора да знае за што ги троши парите. Список со имиња нема, но од МЗ кажаа дека во предложената лист аима лекови за зголемен крвен притисок, за деменција, антидепресиви.

Имајќи во предвид дека 15 години не била додадена нова терапија на листата, останува надлежните да кажат врз основа на кои критериуми Комисијата се одлучила за предложените 9 лекови, колкава популација ги користи, дали меѓу нив има и лек за кој има само еден производител и еден увозник.