Таравари оди во опозиција - Кој ќе го земе Министерството за Здравство?
Наместо промена донесе разочарување и го измами секој Албанец кој ти ја даде поддршката. Остри пораки до Таравари од довчерашниот коалиционен партнер Изет Меџити по одлуката Алијанса да го напушти владејачкото мнозинство.
„Ти не донесе промена, ти ги блокираше промените. Тие не се враќаш кон народот, ти се враќаш кон црната листа. Ти не ја напушти Владата, ти ја предаде Владата. Ти не го претставуваш духот на членството во ЕУ, ти го изневери.
Ти не си херој во оваа приказна, ти си раочарување за секој Албанец, интелектуалец или необразован, работник или бизнисмен, маж или жена – ти си разочарување за секој активист и симпатизер, секој Албанец или Албанка кој гласаше за промени.“ – порача Меџити на социјалните мрежи.
Таравари вчера одлучи да ја напушти Владата. Се пожали за ЕУ интеграциите, балансерот и обвини за маргинализација на Албанците. Остави простор за соработка со сите политички партии вклучувајќи ги и ДУИ. Тврдеше дека сите пратеници остануваат со него.
Токму трансферот на пратеници еден од лидерите на Вреди смета дека ќе биде главна тема во наредните денови. Во интервју за 360 тој вели дека во наредните денови ќе се знае дали сите 5 пратеници на Таравари ќе останат со него или ќе му се придружат на Вреди. Најави дека ќе има прелети и на други пратеници од опозицијата.
Касами вели дека во наредните денови може да се очекува и мини реконструкција на Владата и не ја исклучи можноста да има рокади во министерствата со ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу имињата кои се споменуваат како можни наследници на Таравари се споменува и името на Министерката за образование Весна Јаневска. Таа денеска вели дека тоа ќе биде одлука на премиерот.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека вечерва ќе имаат извршен комитет на кој ќе се носат одлуки. Демантираат било какви шпекулации поврзани со составот на Владата по заминувањето на Таравари.
Во СДСМ и денеска се на ставот дека Владата се распаѓа.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар