Таравари: Ако не му требам на Мицкоски подготвен сум да одам во опозиција
Ако премиерот смета дека не му требаме, Алијанса е подготвена да ја напушти Владата. Министерот за здравство се гледа себеси како дел од владиниот кабинет без разлика на турбуленциите во коалицијaта Вреди.
Таравари во неколку наврати веќе ги преброја своите пратеници најавувајќи дека и надвор од Вреди тој има петмина за пратеничка група.
Пратеници денеска броеше и ДУИ.
„Претставниците на коалицијата ВЛЕН, кои со само 9 пратеници тврдат дека ги претставуваат над 29% од Албанците во институциите, на ТВ интервју продолжуваат да го релативизираат нивното минато политичко дејствување, нарекувајќи го „експеримент што не успеал“.Но проблемот не е неуспешниот политички експеримент.
Проблемот е што пристапот на експериментирање со Албанците продолжува – со реални и опасни последици.“ – се вели во соопштението на интегративците.
Но простор за пребројување, барем засега нема, тврди собранискиот спикер.
Во СДСМ загрижени. Велат, системот се распаѓал додека коалиционите партнери во владата се расправаат меѓу себе
Проблемите во коалицијата Вреди избија кога Таравари незадоволен од распределбата на колачот реши сам да истрча на локалните избори а најави и можност за соработка со Ахмети. Токму соработката со ДУИ е тоа што не штимаше за вицепрeмиерот Меџити кој во повеќе наврати го повика премиерот да го разреши Таравари.
Од Владата официјално нема коментар. Неофицијално владини извори велат дека се следи ситуацијата и дека во игра се сите опции. Повеќе ќе се знае по средбата која Таравари и Мицкоски веќе ја закажаа на стартот на идниот месец.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар