Македонија
10. December 2015 - 0:55

Свонси го отпушти Монк

Управата на премиерлигашот Свонси Сити му врачи во средата отказ на менаџерот Гари Монк по серијата лоши резултати.
Екипата од Велс во последните 11 кола оствари само една победа и се наоѓа на 15 место во англиската Премиерлига со 14 бодови, само еден повеќе од зоната на испаѓање.
Монк го презеде клубот од Либерти во февруари 2014 година откако десет години беше играч на клубот. Под негово водство Велшаните минатата сезона го освоија осмото место, но во оваа сезона играат очајно.
„Одлуката не е лесна, меѓутоа не смеевме повеќе да чекаме. Во последните кола назадувавме и моравме да сториме нешто“, рече претседателот на клубот Хју Џенкис.
Англиските медиуми наведуваат дека главни кандидати за клупата „лебедите“ се поранешниот менаџер на Ливерпул, Брендон Роцерс, кој успешно го водеше Свонси од 2010 до 2012, како и поранешниот менаџер на Евертон и Манчестер Јунајтед, Дејвид Мојс.