Loading Video...
Свет
31. August 2022 - 12:23

Светските лидери се збогуваат со Горбачов

Светските лидери и политичари изразуваат свое сочувство за последниот советски лидер Михаил Горбачов, кој почина вчера на 91-годишна возраст. Едни го слават како човек чии реформи доведоа до колапс на комунизмот во Европа, други пак го обвинуваат дека ја направил Русија земја од втор ред.

Рускиот претседател Владимир Путин беше меѓу првите кој изрази сочувство за смртта на поранешниот советски претседател. Tој истакна дека се работи за политичар кој имал огромно влијание врз текот на светската историја. Укажа и на хуманитарната, образовната и добротворната работа на Горбачов.

За американскиот претседател Џо Бајден, Горбачов бил човек со имагинација да види дека е можна поинаква иднина, и човек со храброст да ја ризикува целата своја кариера за да ја постигне таа иднина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го нарече Горбачов храбар реформатор и државник кој се осмелил да направи многу работи во интерес на иднината на својата земја.

Францускиот претсрдател Макрон пак го престави Горбачов како човек на мирот чии одлуки го отворија патот за слобода на Русите. Неговата посветеност на мирот во Европа ја промени нашата заедничка историја, напиша Макрон на Твитер.

Британскиот премиер Борис Џонсон во сочувството вели дека во време на агресија на Путин во Украина, неуморната посветеност на Горбачов за отворање на советското општество останува пример за сите нас.

Инаку, Михаил Горбачов ќе остане запаметен како последниот советски претседател, кој ја заврши Студената војна без крвопролевање, но не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз. Тој склучи договори за ограничување на оружјето со Соединетите држави и партнерства со западните сили за да ја отстрани железната завеса што ја делеше Европа од Втората светска војна и да доведе до повторно обединување на Германија.